25 ноември, Меѓународен ден во борбатата против насилството врз жените.

Изминативе неколку години, чинам устата ми пресуши од колумни за насилството врз жените. Среќа па, електронски е, нема што да пресуши освен тастатурата и прстите. Не, моите колумни не го спречија или намалија насилството. Тоа постои, тоа е насекаде. Тоа може да биде во твојата или мојата зграда, тоа може да биде во моето или твоето пошироко или потесно семејство, тоа може да биде меѓу пријателите, останатите роднини, колегите, фејсбук пријателите.

Често не знаеме, затоа што жртвите се принудени да молчат. Често не знаеме затоа што не смеат да кажат, ради себе или децата. Често модринките се покриени со шминка и лажна насмевка. А највеќе болат внатрешните лузни, целите модрици.

Највеќе болат навредите, оние притајните. Насабајле, поручек и навечер, но и за ужнка. Се подголтвува и се продолжува.

И не знаеш кому му е потешко. „Ќути барем не те тепа?!“, ах супер, па вака е одлично помодрена душата, не мора да се разлева и однадвор крвта на раскрвареното срце.

Или на оние кои шланиканиците и ударите се редат еден по друг. И двете страни уплеткани во мрежата на насилникот.

Луѓе мои, оној што ве удрил еднаш, ќе удри уште еднаш. Кога ќе ви стане јасно? Не, не треба и вие да му враќате и да се вртите во круг. Туку да стиснете заби и да излезете од токсичната врска, еднаш засекогаш. Да заземете став и да ѝ плукнете на „љубовта“ в лице. Оти таа љубов не е љубов.

Човек кој е заљубен не создава болка, туку напротив… тој трпи болка

Некаде на половина од статијата, почнувам да се губам. Де што имам премногу да кажам, де што мислите ми скокаат и ми бегаат. Некогаш ми оди да пишувам цели реферати, та се губам во сопствениот хаос. Некогаш нема ни за лек, а некогаш гледам дека во малкуто има многу.

Трагично е што дозволуваме да не’ погазат емоциите, што им даваме преголема моќ на зборовите наспроти делата, што очајно се обидуваме да веруваме, што уште поочајно се надеваме дека оваа е нечија животна фаза.

Трагично е што не успеаваме да ги препознаеме првите знаци на насилство, без разлика дали се работи за физичко или психичко. Јас во мојата книга (која се надевам ќе излезе наскоро) успеав да истретирам уште пет типа на насилство (емоционално, сексуално, финансиско, контрола и болна љубомора, вербално). Остана уште културолошкото.

Ударот е само видлив знак, сето останото е прикриено. И затоа не знам, навистина, кому му е потешко. Оној кој свесно знае дека живее со насилник, но одбира да продолжи поради некоја причина. Или оној кој е толку изманипулран, што веќе не знае ни што е манипулација.

Верува во љубов, се надева. Сака да биде сакан, сака да сака. Мисли дека љубомората е слатка, контролата е грижа, играта со емоции е фаза, исполнувањето на сексуалните желби во секој дел од денот е сушстествен дел од брачните обврски и дека парите се само купче врз кое доминантниот има целосна моќ.

Ништо од ова не е љубов. Ништо од ова не е фаза, ако нема искрен разговор и разбирање.

Да се разбереме, љубомората е слатка додека не ја премине границата, ни сеедноста не е убава, но ни претераната пред да стане болна. Грижа е кога ќе ти се јави што правиш и како си, кога ќе се вратиш за да знае кога да те очекува или да му олесни кога ќе стигнеш дома. Само споделувањето емоции е убост, никаква игра. Сексуалните желби и фантазии се во ред и се дел од нас, но само ако обајцата се сложувате на тоа. Парите се заеднички, но и подеднакви.

Уживајте со вистинската личност. Не брзајте веднаш за брак, за деца. Немојте ако не сте сигурни. Затоа што се’ станува потешко. Бидете среќни и кога немате партнер, немојте да бидете со некого по секоја цена.

Вистинскиот ќе дојде, таму е негде, зошто да си го губите времето со некој си таму невреден?

Љубовта е најубавото нешто што може да ви се случи, уживајте го до максимум, но не со секого.

photos: Unsplash.com

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.