Најпрво сакам да изразам длабоко сочувство до загинатите и нивните семејства кои ќе мораат да живеат со болка до крајот на живот. Од ноќеска 46 семејства се обоени во црнина.

На 46 луѓе им згаснаа животите, а со нив соништата и надежите. 12 од нив се деца, што би можеле да знаат тие за животот, душички. Уште ли колку пат требаше да изминат, ох Боже.

Од изутрина не можам да поверувам, и цел ден носам в гради некоја тежина. Уште неоладена тргедијата, кај Ласкарци, се случила нова. Уште колку ли трагедии ќе се случат на ова парче земја?

И за минатата несреќа, голтнав кнедла. Сите се возиме во автобус. И јас и ти, и нашите најблиски. И на долги и на кратки релации, несвесни за ризиците. А тука се, овде се. Зошто, по Богу, зарем не може да нè одминат веќе?

Секојпат кога и да се случи вакво нешто, напрво помислувам на најблиските. Си велам, колку се реални овие ситуации? Изгледа се. И зарем треба да се случат вакви работи за се обединиме? Зарем треба да се случи туѓа трагедија за да ги гушнеме најблиските? Да им кажеме колку ги сакаме, колку ни фалат?

Ме потсети трагедијава на еден далеку поблаг настан. Татко ми беше прилично настинат, се исплашив како никогаш досега. Ми поминаа секакви мисли низ главата и само си ветив: „Боже нека е добро, па ќе пиеме кафе“. И за среќа се опорави. Кога го видов, го гушкав можеби пола минута-минута, не знам. Пиевме кафе и го гледав. Во некои делови не го ни слушав, само го гледав.

Дојдов дома и пак си велам. Зарем треба некој да се разболи, да се случи вакво нешто за да се сетиме колку некого многу сакаме?

Не би сакала да зборувам премногу за загинатите, за да не ја разгорувам болката на семејствата. Ние ќе си жалиме, ќе си кажеме, ама се знае кому е најтешко. Ќе ги поштедам од еден глас повеќе. Се надевам дека еден ден ќе имаме кому да се лутиме, засега се само шпекулации. Не знаеме ли кого да го обвиниме, уште е сè така свежо.

Само што можам е да се помолам на Господ вакви трагедии да не се случуваат повеќе, да се помолам за мир на семејставата, за здравјето на најблиските, за поскоро разоткривање на вистината.

46 животи заминаа засекогаш, сè уште не можам да поверувам. Никој не може. Жалосно е само, луѓе мои, што само трагедиите нè обединуваат и тоа само за кратко. Не е битна возраста, ни националноста. Имало и деца, и млади и постари. Самци, со семејства, со љубените, со децата. Секоја болка подеднакво боли, секого мајка жали. Затоа ги жалам сите подеднакво, затоа што на крајот луѓе сме.

Се случува некој од друга националност да ти помогне повеќе од твојата. Зошто? Затоа што луѓе сме.

Ќе ви кажам само едно, гушкајте се. Еден ден ќе биде предоцна и сè што ќе сакате е една единствена прегратка.

photos: hmd.org.uk/Facebook

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.