СЕ БУДАМ! Удобноста во конфор зоната претставува привид. Во мене има многу потенцијали кои чекаат да бидат остварени.
СТАНУВАМ! Го вклучувам алармот на сопствените цели.
ЧЕКОРАМ ентузијастички кон нивно реализирање.
ВЛОЖУВАМ! Инспирација, мотивација, посветеност, време, труд, енергија, човечки, материјални ресурси….
РЕЗУЛТАТИ!? Трн во очите на луѓето околу мене.
ЗБУНЕТОСТ!!? Ги реализирав поставените цели и наместо исполнетост со пријатното чувство на остварување, гордост за постигнувањата, ведрина и мотивираност за нови походи ме обзема чувство на збунетост, проследено од прашањето: „Што се случи во односот со моите другари, пријатели, соработници, роднини, луѓе од блиското опкружување?“
РАЗМИСЛУВАМ! Ја вртат главата пред делата од моите остварувања, ги прикриваат ушите за гласот на успесите, го затвораат срцето за допирот од пријатните емоции, ведрината во расположението во мое присуство ја ставаат на пауза.
СПОРЕДУВАМ! Не е љубовта слепа, туку завидливоста!
ЗАКЛУЧУВАМ! Чувството на завист е проблем во односите со другите во заедницата, но и огромно душевно измачување за себе!
СЕ ИЗВИНУВАМ! Зависта е изјава за инфериорноста во твоето размислување, но, имав намера да го изградам мојот личен потенцијал, не и супериорност кон тебе!
ТЕ РАЗБИРАМ! Бербата на туѓата нива изгледа поголема, но само во твоите очи!
ПРЕПОРАЧУВАМ! Не плаши се од чувството на збунетост, тоа ти предизвикува нејаснотии и неизвесност бидејќи твојот свесен ум се обидува да ја најде смислата за случувањата.
Твојата душа е ризница на неоткриени можности. Погледни во неа и издигни ги на површината, така ќе ја изградиш благосостојбата на сопствениот живот.
Единствената споредба нека ти биде со самиот себе!
ЗАМИНУВАМ! Ме вознемирува вревата од црцорењето на црвчето во твоето молчаливо однесување.
БЛАГОДАРАМ! Ми помогна да научам,да препознаам, да созреам!
Автор: Рената Максимова
насловна фотографија: Unsplash