
В градиве жештина ме облева,
и нешто врз нив ме стиска.
Се гушам
и ме облева пот.
Срцето силно чука
и колениците се тресат.
Знам, уште еден паничен напад.
Ама ќе пројде.
А гласот одвнатре одеднаш
в главата ми одекнува.
Да излезе ме моли,
та преколнува.
„Пушти ме, те молам.
Не стискај ме веќе.
Зар не ти здодеа и тебе,
да ме потиснуваш.“
Пробувам да го игнорирам
и чекам да минат побезболно минутите.
„И јас со тебе се гушам,
веќе никаде не ме собира.
Уште колку гнедли ќе голтнеш,
за да ме проголташ?“
Упорно продолжува тој,
а јас ко јас…

Не попуштам
и како со ножици го кратам.
„Ќе помине и ова знам,
пак ќе ме загушиш.
А јас ќе се мачам да излезам
од твојата утроба со денови…“
Тогаш грч в желудникот ме стегна.
И како со нож утробата ми ја сецна.
„Но како да те пуштам,
кога се гушам?“
Најпосле собрав сила да прашам и јас.
„Само пушти ме низ усните да поминам,
а јас полека ќе се одглавам.“
„Ууф…“, помалку срамежливо велам јас.
„Уште, уште погласно.
И пострасно!“
„ААах…“, најпосле извикувам јас.
Грчот ме ослободува полека
и плуќата се смирува.
Тогаш почнувам да врискам на сиот глас,
како ранет ѕвер среде планина.
„Викај, викај и почни да уживаш!“,
заедно со мене вришти и тој.

И навистина, после тоа,
врисокот стана симбол за слобода.
И кога помина се’,
сфатив дека сум била на вистинското место
да се развикам и развеселам.
Ѝ се предадов на еуфоријата,
цела сала за Бубамара.
Јас уживам и се радувам.
Јас пејам и не го стискам веќе својот глас.
Македонските песни ечат и зурлата трешти,
а мојата душа како на батерии одново се полни.
Жива сум.
Овде сум.
Луѓето околу мене можеби се чудат,
бидејќи не знаат.
Не знаат дека потиснатиот глас најдалеку одекнува.
Марија Прличкова-Нешовска