После долго време, оправдано време, повторно со нова тема и тоа со социјалната анксиозност. Претходните две теми ги исконсултирав со членовите на групата за анксиозност, но оваа ја одам на своја рака.
Помеѓу неколкуте работи од кои „патам“ е и социјалната анксиозност или социјална фобија која претставува посебно психолошко нарушување.
Како што и веќе претходно знаете, мојата анксиозност трае цел живот и мислам дека започнала токму од социјалната анксиозност, па прераснала во генерализирана итд.
Ќе ве излажам ако ви кажам дека беше лесно да се прифати конечно оваа состојба, иако цел живот се мачам со неа и ѝ се спротиставувам како ќе стигнам, свесно или несвесно.
За оние кои не знаат, открив дека имам анксиозност цел живот пред речиси шест години, и оттогаш јасно и гласно говорам за овој се’ почест проблем. Па, ајде да започнеме…
Што е социјална анксиозност?
Социјалната анксиозност претставува ирационален страв од ситуации каде се вклучени и други луѓе. Почнувајќи од одење на најобично кафе до јавен настап. Секако, сето од ова се надминува, но потребно е време.
Анксиозната личност мисли дека постојано е во центарот на вниманието, па оттаму доживува нелагодност и почнува неприродно да се однесува. Личноста тешко се одлучува да биде она што навистина е, постојано се плаши да не биде набљудувана, озборувана, осудувана, исмејувана.
Што може да биде коренот на овој проблем?
Веројатно сите се прашуваме од каде нешто и зошто потекнува. Конкретно во мојот случај, а верувам и кај многу други, булингот или врсничкото насилство тоа дополнително го влошува. Доколку некој во минатото ве исмејувал за вашиот физички изглед, вашите физички недостатоци, стилот на облекување, говорот или држењето на телото, тогаш доста веројатно е таа сенка да ве следи и во сегашноста.
Како блага жртва на булинг, зборувам блага бидејќи никогаш не доживеав директно физичко насилство, туку само вербално. Можеби некогаш сум била „случајно“ нападната со топка, но не придавам значење. Воопшто не сакам да се сеќавам и да ги оживувам тие спомени од минатото, бидејќи се безвредни, а моето катче за меморија треба да е исполнето со убави нешта, наспроти грдите.
Како се справувам со овој проблем?
Едно од прашањата кои веројатно си ги поставувате во врска со овој тип анксиозност, сигурно е и справувањето. И многу лесно и многу тешко, зависи од ситуацијата во која се наоѓам.
Кога е мојот партнер до мене, овој проблем станува мачја кашлица. Се фокусирам на неговото присуство, и тогаш сум и гласна и страсна. Тогаш сум незапирлива. Тогаш се смеам на цел глас и не дозволувам околината да ме „замолчи“. Но и ова зависи од две работи. Каде и со кого седам.
Доколку сум во присуство на нови луѓе, тогаш молчам и не зборувам многу. Пробувам да ја опипам околината, да ги почувствувам луѓето и нивните енергии. Доколку почувствувам дека сме на иста фрекфенција, тогаш се опуштам, ако не, тогаш се затворам и тешко ми е да се олабавам.
Истото важи и за луѓе со кои отсекогаш сум била стегната, најчесто тоа се моите роднини. Ме знаат од мала, но ме знаат и со мојата социјална анксиозност. „Зборувај, кажи нешто, зошто молчиш, што си така здрвена…“, се само дел од „намерите да ме опуштат“, но кај мене имаше доста контра-ефект.
Но, што ако сум сама?
Иако мојот партнер ми нуди комфорна зона, сепак не е залепен до мене, дури и да сакам. Кога не е, навистина се’ станува потешко. Но како што не сум се родила со него, така и во тие случаи откако сме заедно, се трудам да самата да се изборам. Претпочитам луѓе кои ги знам и со нив можам да се опуштам, секогаш барам прво познаници и пријатели, а потоа го запознавам остатокот од околината.
Најтешко ми е кога почнувам со нова работа или одам во нова средина. Никој не знам и тоа ми создава апсолутен стрес. На сегашното работно место, можам да кажам дека владее позитивна енергија, како и на претходните две. Се чувствувам прифатено. Секако, секаде ќе постојат непријатни моменти можеби, но некако космосот ги трга од мене и не им дозволува да ме облеат.
Така што да сумирам за само-справувањето: стискам заби, опипувам територија и наоѓам нова комфорна зона. Секогаш ми успеава да најдам некое прибежиште, имајќи предвид дека се водам со позитивна енергија и широка насмевка (тешко видлива од маската).
Дали социјалната анксиозност ме лиши од многу работи кои ги посакувам?
Апсолутно ДА, ама не ѝ дозволувам. Сака да ме лиши, ама јас се трудам неа да ја лишам. Во постојана борба сме, но не се предавам.
Анксиозноста проба да ме лиши од издавање книга и имање нејзина промоција, но не ѝ дадов. Проба да ме лиши од нова работа, но не ѝ дадов. Проба да ме спречи да одам на телевизиски и радио интервјуа, но не ѝ дадов. Проба да ме спречи да се запознам со доста важни личности (Денес) во мојот живот, но не ѝ дадов.
Ако таа е инает, јас сум уште поголем. Јас одам директно право во ѕид, каде нема враќање назад.
Кои симптоми ги чувствувам при социјалната фобија?
- непријатност на јавно место, чувство дека сум во центарот на вниманието;
- избегнувам да искажувам ставови околку некоја тема, преферирам да молчам;
- добивам селективна немост (мутизам);
- кнедла во грло и гушење од истата;
- избегнувам големи журки, особено затемнети простории и галама;
- се плашам погрешно да не бидам разбрана или да не повредам некого случајно;
- се плашам да не бидам исмејувана поради некоја постапка, начин на облекување или говорење;
- страв од бламирање;
- сува уста;
- гадење и потреба за во тоалет;
- трепрелив глас;
- збунетост и расеаност;
- потење, тахикардија и вцрвенување.
Кои се останатите симптоми на овој вид фобија/анксиозност?
- желба сите да ве сакаат;
- страв од осуда;
- избегнување споделување лични моменти;
- страв од неистомисленици.
Најпознат мој начин на справување со социјалната анксиозност:
Замислите си волшебна завеса пред вас
Во четврто одделение преку училиште глумев во неколку претстави, едната од нив беше во „Театарот на народностите“.
Како што течеа подготовките за натпераварот (претставата беше дел од него), на гости во училиштето ни дојде познатиот актер Благоја Чоревски, сопруг на нашиот тогашен педагог, Магдалена Чоревска.
Чоре не’ научи да си замислиме завеса пред нас и да не ја перцеприраме публиката за да не не’ збуни, а ако се збуниме, тогаш да си продолжиме како ништо да не било.
Лекцијата на Чоре стана моја животна лекција. Секогаш пред јавен настап замислувам завеса и воала!
Слободно оставете ги своите предлози во мојата контакт-форма.
Photos: pixabay
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.