Вчера сајтов прослави една година постоење. Цветам. Не е некој голем успех, ниту па се збогатив, чесен пионерски збор. Како што гледате, реклами немам, а ако некогаш имам, тоа веројатно ќе биде преку врски, непотистички реклами. Се шалам.
Парите никогаш не ми беа тригер за да се впуштам на ова ветување, парарелно работам и студирам, така што ова го правам исклучиво за своја душа.
Сајтов е мојот издувен вентил, кога ќе се наполнам со агресија и анксиозност, доаѓам тука и се празнам. Ми тежи и морам да го исфрлам тоа чувство на немоќ и потиснатост.
Изминава година имаше бројни предизвици, негирања, потсмевања. Поддршка од многумина, исмевање од малкумина. Тоа е билансот. Сајтов ми ги отвори очите и чакрите во исто време.
Секогаш велам дека не е битно дали некој ќе се пронајде во моите искуства, дали ќе извлече поука или ќе го пренесе ова на некој друг. Битно е да знаеме дека не сме сами и дека треба да се избориме со оваа состојба.
Не сакам да имам анксиозност и најсреќна сум кога не е во моја близина. Не ме прави ниту херој, ниту посебна. Напротив. Знам дека можам многу повеќе од борбата со неа, таа е некој дополнителен товар.
Анксиозноста не е нешто што ме прави горда, ниту ме става во некој натпревар дека „хеј, и јас имам анксиозност“. Напротив. Сајтов ме прави горда, книгите, работата, најблиските. Анксиозноста ме кочи, ми се подбива.
Да се разбереме, херои се оние кои ги водат најтешките битки со подлите болести. Анксиозноста не е болест. Не може во еден момент да ја немаш, а во следен миг да преовладува. За мене секогаш ќе биде состојба.
Херои се родителите кои обезбедуваат егзистенција за своите деца со по 12 саати работа, особено самохраните мајки кои некогаш работат и на две места. А да не збориме за лекарите, пожарникарите, медицинските сестри, забарите…
Но сум херој во сопствената приказна и тоа ме прави најсреќна. Кога ќе се погледнам во огледало, и ќе си речам „успееавме уште еден ден без паничен напад, без анксиозен напад“. Кога ќе се погледнам и ќе си ја видам насмевката која гори од среќа.
И сите можеме. Со сопствени сили да се избориме и да станеме појаки. Приликава ја користам да ги посоветувам сите кои имаат некаков проблем да се обратат кај стручно лице, псилохог, кој ќе им помогне да го изнајдат неговиотт корен, пред сè, а подоцна сè останато.
Јас година дена сум на ваков тип терапија, шест години на љубовна и има резултати. После година дена чат-пат шетање по планини, паничните напади ми се сведоа на минимум. Скоро и да ги нема.
Па да ми се случеше вака пред година дека да ме заборави автобусот и да тргне на пат без мене, јас не знам колку болка ќе имав в гради, иако траеше една минута, мене ми се чинеше цела вечност. А кога го видов мојот херој, Емил, како ме довикува да појдам кон автопатот, веднаш се смирив. Сфатив дека некогаш самата си ја бустирам паниката.
И еве јас сум жив пример дека човек учи сè додека е жив. Јас сè уште учам. Ќе учам засекогаш.
Благодарам на бескрајната поддршка најпрво на Емил, потоа на мајка ми и другите најблиски членови, чичко ми Џамбаз (кој си има свое огромно катче само за него) без кого не би имала толкав простор, шефот и тимот од работа, колегите, пријателите, роднините. И највише од сè, членовите на групата Анксиозност, панични напади, стравови, кои ме инспирираат и мотивираат дека заедно сме посилни и заедно можеме да успееме во оваа борба.
Среќен роденден, Жено на жено! Среќен роденден анти-анксиозност терапијо!
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.