Се мачев дали да пишам нешто или не, поради тоа што темата е ужасно тешка и болна. Вчера се случи трагедија која облеа во црно и солзи многу фамилии.
И во овие трагедии некако, како да сме најсплотени, колку и да се шири ареата на омразата. Сепак, човек од камен да е, па ќе попушти на глеткана, стротна, чии очи заплакуваат веднаш штом ги погледнат.
Мислите ми останаа кај онаа дваесетгодишна девојка од вчера, чие име не го знам, но знам дека животот го даде за мајка си. Ете толкава е љубовта на чедото кон своите родители. Без нималку да размисли се фрлила во огнените јазли со една цел, да ја спаси мајка си, која веќе се борела со едно зло, коронавирусот. Од потрага по здив, завршила со нов предизвик.
А чедото веќе ужасното од идејата дека мајката се бори со чудовиште, а згора на тоа и ваква катастрофална несреќа, веќе и не размислува за себе. И буквално се фрла во оган. Тоа е таа безусловна љубов меѓу чедата и родителите. Тоа е таа искра во очите на децата да им помогнат максимално на своите најсакани, да ги спасат своите две крилја.
Секогаш кога и да помислам на неа, дошата ми се ковка, солзите ми се полнат. Ми се плаче. Зарем вака мораше да ѝ згасне животот? На дваесет години, со многу соништа неостварени и желби кои чекале некогаш да бидат исполнети.
Можеби сакала да стане доктор, или пак, козметичар. Можеби сакала да фотографира, сигурно го сакала животот. Имала прекрасна насмевка, забележав. Имала огромни очи, светли како море и небо, сигурно сакала се’ да знае, се‘ да дознае. Видов огромна жар во нив.
Претешко е навистина, и ми се кочи гласот, иако пишувам. Како да сака некој да ми ги саботира мислите, како некој да сака да се сопрам. Затоа што самата помисла на она синоќешниот настан ми долева сол на рана. Ми текнува на автобусот кој во смрт однесе слична бројка на луѓе пред две години во Гостивар. И тогаш имаше разни народи, и тогаш бевме сплотени.
Ама луѓе мои, сограѓани мои, зарем мора трагедијата да не’ обединува? Или да мора и во најтешките денови да зборуваме грозни работи? Не. Вчера славевме независност. Државата ни славеше независност, а државата сме ние, народот.
Ако еден ден успееме во своите намери да бидеме солидарни, да се грижиме повеќе едни за други, можеби и ќе успееме да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Ако се грижиме за нашите животи, ако не се делиме повеќе на партии, ако ги делиме луѓето на добри и лоши, а не на вакцинирани и невакцинирани, прележани и непрележани, можеби ќе успееме.
Тажно е, жално е ова што се случува. Солидарност и одговорност. Тоа е се’ што ни е потребно.
14 жртви во синоќешниот пожар. Слава им и нека почиваат во мир. Тетоо, држи се и чувајте се. Како што од секогаш сте умееле…
Сочувство до семејствата на загинатите, посакувам поскоро закрепнување на повредените во пожарот, како и на сите заболени од коронавирус. Посакувам што поскоро да се вратат кај своите најблиски, онака како што доликува, насмеани и среќни. Посакувам што поскоро да заврши оваа пандемија, а ваквите трагедии да станат минато. Да се сплотуваме само со убави нешта, да го закопаме засекогаш говорот на омраза. Од сечии усни. Да сфативме дека заедно сме посилни и дека не ни треба таков товар на плеќите.
Да се сочуваме од негативни коментари. Еднаш засекогаш.
photos: Heatline/Фејсбук//DW
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.