Вчера се самоуби српската јутуберка и инфлуенсерка Кика, а највеќе што мразам е да пишувам кога некој си заминал на оној свет поради неправдите на овој. А имам и највеќе да кажам. Е тука е болката, дали да пишувам или да преќутам. Е оди преќути кога ти гори во душата. Не можеш…
За жал, Кика е уште една во низата. Не знаеме колку луѓе на дневна база се самоубиваат поради хејт коментарите на социјалните мрежи, глупави и дрски, бесмислени. Поради забавата која сакате да си ја направите, во рок од неколку минути. За се’ имате коментар, ама баш за се’.
Наслов е ударен, точно. Зошто? Затоа што ми е смачено да читам коментари кои врска си немаат со животот на метите. И човек да е најдобар, вие мана ќе му најдете. Во животната сторија, вие за печатната грешка ќе се фатите. Ќе пцуете, ќе посакувате зло. Ќе пишувате злобни коментари, ќе навредувате, ќе понижувате, ќе изигравате Богови. Ќе се потсмевате, ќе удирате по жртвата. Ќе ја линчувате.
Порано знаев и јас да напишам некој коментар, за некојси/некојаси таму. Сега веќе ми е сеедно. Ако тој/таа е среќен/на со животот, тогаш што ми е битно. Дури и преглупо се чувствувам поради тоа. Само што никогаш не сум се дрзнала да омаловажам некого, да го обвинам дека е глупав или грд, да го исмејам како се облекол или што направил. Или да му посакам смрт, да му посакам да се уби. Зошто? Затоа што самата сум ги слушала тие навреди. И преболно е. И преневкусно е.
И не. Не треба тие коментари да ме спречат да живеам или да поседувам социјални мрежи. Не треба никој што не го чепка туѓиот живот да не биде дел од социјалните мрежи. Зошто? Зошто луѓето да бегаат, а овие што каменуваат да останат и понатаму онаму каде што се?
Сум пишувала и претходно за булингот, во некоја рака и смачено ми е. Ама пак, ќе кажам посилно е од мене. Се случувало да ги извадам на тапет сите навреди и омаловажувања, да ги раскажам сите глупи моменти со таканаречените пријатели.
Бев жртва и на реален и на сајбер-булинг. Не мразам никого. Сите тие имаат свој пат во животот, само не сакам да ги видам, не сакам да се дел од мене. Не сакам да слушам за нив. За мене не постојат. И да не сакам, влијаеле врз мене. На овој или на оној начин. Ми создадоа социјална анксиозност. И со неа ќе се справувам најверојатно цел живот. Не знам. Можеби ќе исчезне со годините. Ми ја разнишавте самодовербата и ми требаа години да ја вратам. Ми ја урнавте довербата и веќе никогаш нема да имам онолку пријатели како некогаш. Што е и добро. Чуму толку пријатели ако те гледаат со потсмев?
Престанете луѓе. Престанете со гневот, со омразата со рандом луѓе што нит ги знаете, нит ги понавате. Престанете да му копате по нечие минато, по нечии рани. Престанете да барате нечии тајни. Престанете да живеете во туѓите животи за минута слава.
Сите можеме да бидете жртви на булинг. И да си најдобар, секогаш ќе се најде некој. Зарем не можеме да живееме и да бидеме среќни? Сами со себе, со најблиските? Зарем мора некого да угнетуваме?
Бев и умрена и неартикулисана. И грда и глупа. И ружната Лети. И Прле и курва. И што ли уште не. Ама јас сум јас. Јас сум човек од крв и месо, со емоции и нервен систем.
Затоа не ја жалете девојката три дена. Туку преземете нешто. Престанате да хејтате. Живејте. Така и другите ќе живеат. Далеку поспокојно и поубаво, достојно како што еден човек заслужува.
photos: Unsplash
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.