Уште пред да знам дека цел живот всушност се соочвам со оваа состојба, јас почнав да пишувам. И во тоа гледав спас. Кога и да се осеќав лута, повредена, понижена, глупава, гневна, бесна… јас пишував. И така станав најпрво поетеса, а го започнав патот на писателот. Всушност, поради неа сум почнала да пишувам. И еве ме сега со мојата таканаречена мисија, да им посочам на другите дека не се сами во оваа состојба.
Пред некоја недела една жена ме запраша што да прави со анксиозноста, кому да му се обрати.
„Не сакам да одам кај психолог, не му верувам, ќе ме ислуша и чао“, вели.
„Тоа му е работа“, велам.
„Не“, упорно продолжува таа.
Добро, си велам, не и не. Така мисли, во ред. Секој има право на свое мислење, па сега, колку и да е тоа понекогаш погрешно. Затоа отстапив од темата психолог и ја прашав дали има со кого да разговара, некој близок можеби. Ми одговори дека нема, а тоа најмногу ја мачело.
„Пишувај“, велам.
„Да пишувам ли? Јас ли? Ах, па не сум јас како тебе, туку така да смислувам. Нее… не можам да пишувам, не знам како“, вели таа, мислејќи на изразувањето, секако, не на писменоста.
„Ох, еве пак ќе кажам, психологот го интересира ли дали знаеш убаво да зборуваш?“, велам јас, мислејќи на изразувањето и интонацијата, акцентот.
„Пишувај и гори ги писмата потоа. Изрази го својот гнев, својата слабост, болката, пишувај!“, велам.
Тогаш ѝ раскажав за моите почетоци, за моите први песни, за мојата потешкотија да напишам нешто сега кога конечно сум среќна.
Тома велел оти тажен човек пишува песни, и така е. Верувајте, знам. Најтешко е од среќен човек да ја извадиш среќата, а тагата… охоо…самата излегува.
На крајот од нашиот разговор околу оваа тема, ѝ реков дека гневот и бесот ги пренесувам на хартија оти знае да молчи и знае да слуша.
„Не сакам и другиот да биде тажен, бесен, лут, понижен, гневен, затоа земам и пишувам. Ќе истресам сè и после истото можеби никогаш никаде нема да го објавам. Ќе го најдам после пет-десет години и ќе се смеам на тоа или ќе плачам заедно со него. Но кого му е грижа, тоа биле мои рани, мои чувства. А среќата, не. Е таа сакам да ја споделам со најблиските, со саканиот, со домашните. Таа нејќам да ја кријам меѓу редовите. Не заслужила, среќа е.“
Си изнаприкажавме. Си олеснивме. Ѝ кажав дека на сите мои им „препишувам“ терапија со пишување. Никој професионалец не се родил, сите сме биле некогаш аматери. Затоа страшно се лутам на луѓето кои мислат дека се некои и нешто, ако се поети и писатели, па после се расфрлаат со критиките за своите колеги.
Сите сме писатели и поети во одреден период од животот, разликата е во финесите. Некој поубаво умее да се искаже, друг само нафрлува работи, трет му фали надградба. А најмногу успеваат последните. И поскоро се лечат и подобри стануваат.
Затоа пишувајте. Да не беше анксиозноста можеби ништо од ова немаше да го направам. Немаше да ја напишам „Марла“ и немаше да го отворам овој сајт. И верувајте во себе.
Можеби во вас тлее писател или поет, како би знаеле ако не пробате? Ако ништо друго, знајте дека нема поевтина терапија од оваа. Ем ќе ви олесни, ќе ве сослуша, ем нема да ве озборува. А ако не ви се допаѓа тоа што сте го кажале, секогаш можете да го изгорите. И никој никогаш нема да дознае. Како најдобро сочувана тајна, засекогаш. Чувана од сите, па и од себе.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.