Писателката Маријана Митревска од Ресен, на 5 јули, официјално го отвори своето литературно-културно здружение „Преспански треперења“, чија мисија е да стави посебен акцент на поезијата, но и да обезбеди услови за богат, квалитетен и разновиден културен живот.

„Здружението има за цел да го зачува духовното наследство и културниот идентитет, но и да ја афирмира етничката разновидност и разноличноста во културата. Исто така, целта е да се поттикнува творештвото на младите од сите сфери на културата, да се промовираат проекти и програми кои се во тек со светските и европските културни трендови, како и да се обезбедат континуирани културно-уметнички манифестации од локален и меѓународен карактер“, истакнува Маријана.

Таа додава дека се планирани разни активности кои ќе бидат во функција на промовирање на градот Ресен и на Македонија, поттикнувајќи меѓународна соработка и во ликовната дејност.

„Во областа на уметноста, здружението ќе промовира групни и поединечни ликовни изложби. Планираме да организираме музички настани, концерти на групи и солисти со оригинална современа музика, фестивали, како и промоции на филмови. Потоа, ќе организираме литературни промоции, новогодишни, спортски и хуманитарни настани, квизови, цртање во природа или на други локации во Општина Ресен и надвор од неа“, вели Маријана.

Свеченото отворање се одржа во дворот на црквата „Св. Наум Охридски“ во селото Болно, Ресенско, а на него присуствуваа афирмирани поети и поетеси од различни градови низ земјата. Програмата ја збогатија ресенските изведувачи Мартин Стерјовски и Григориј Прцуловски, а настанот го водеше Наташа Зузаровска. Свој уметнички придонес даде и уметникот Таше Соколевски. Настанот беше заокружен со манастирски ручек, за кој се погрижи младата домаќинка Елена Мицалевска, зад која стои успешен тим. За озвучувањето се погрижи Нико Милошевски.

Иако здружението сега е официјално регистрирано, „Преспански треперења“ постои неофицијално веќе неколку години.

„Преспанските треперења се одржуваат по трет пат како интернационална манифестација на поезија во Македонија, а учество изминатите години земаа и автори од странство. Беше отпечатена и збирка со помош на спонзорства. Оттаму, со цел да се заштити авторското право на настанот, се отвори истоименото здружение. Идејата постоеше уште од пред неколку години, но од неможност или, да речеме, неинформираност, не се ангажирав доволно за да го создадам здружението. Сега, еве, и официјално е регистрирано – со мојот потпис, печат и целосно завршена процедура. Затоа имаше и свечено отворање со поетско читање. Денес, кога времето навистина „лета“, беше тешко сето ова и ми беа потребни месеци за потребната документација. Но, ако нешто навистина сакаме, тогаш, колку и да трае процесот, треба да бидеме трпеливи. На крајот, сè убаво се заврши. И за крај, би сакала особено да им се заблагодарам на моите родители и на сопругот Благојче за нивната несебична поддршка сите овие години, како и на фамилијата на сопругот, кои се во улога на коосновачи и членови на здружението“, вели Маријана.

Фото: Благојче Митревски

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.