Го слушав звукот на океанот,
во капките твоите очи ги видов.
А низ брановите кои на карпа се распаѓаа,
го препознав звукот на срцето твое.

Со погледот вперен во небото,
го впивав мирот,
и трагав, долго трагав
и чезнеев по таа рајска убавина,
на дофат да ми е,
да си ја имам и овде, на земјата.
Засекогаш.
На земјава рај да ми е.

И го пронајдов небото,
парче сошиена ткаенина е во душата твоја.
Душа – небо.
Душа – љубов.

Облечена во фустан бел,
и со расплетена коса,
седев на облаци од надежи
и на платното,
со маслени бои,
сликав нов свет наречен љубов.

И во сонот ми се јави,
во рани зори,
јававме на коњи бели,
во друштво на крилати ангели,
и ти ме одведе онаму каде
се чувствуваш сигурно и спокојно
исто, ко во својот топол дом.

И тогаш,
кога очите ги отворив,
душава медна ми беше.

И знаев,
длабоко во мене знаев,
дека ти ќе бидеш мојот свет наречен љубов.

Автор: Софија Петковска

фото: Unsplash.com