Понекогаш се трудам да влезам во главата на секој оној што немилосрдно, понекогаш ненамерно, знае да ми го распарчи срцето на милион парчиња. За еден миг. Како од шала, а да е најтрагично, многу пати е од чиста зафрканција. Како да ти си од некоја куклена претстава, па и да те навредат, нема да те боли. Мислат глув си па нема да слушнеш, или глупав си, па нема да разбереш.
Навредите се разни. Некогаш прости, некогаш „интелектуални“, индиректни и ненаметливи, ама доволно за да те заболи. И тоа не е во моментот кога зборува за грото луѓе, па ти ете случајно си се пронашол, туку в лице ти кажува, ти го шлапнува ете така како шампита врз образот, ама пак издигнато.
Секоја навреда подеднакво боли. Дали ќе ме наречеш крава или ку*ва, што има разлика? Навреда е навреда. Ја наметнуваш за да повредиш некого, а не да го научиш. Во тој момент ти не стануваш подобар од навредата, ами полош. Ако некого наречеш „глупав си“, стануваш поглупав од него.
Затоа не навредувам. Не сакам. Не ми оди. И кога сум сакала, не сум можела. Затоа што знам колку боли.
И кога ќе посегнам да те навредам, помислувам: ќе се смени ли нешто? Еве како е во твојата глава?
Ќе ме навредиш, ќе ми изнакажеш триста зборови и убаво ќе ти биде на душичката, ќе си помислиш: „ама ѝ го плеснав, ако ѝ е…“ и ќе си заминеш. Јас ќе останам повредена, со раскрварено срце во висина на повредата секако. Може ќе помине за секунда, може нема ни да боли, но може ќе трае и со денови, со месеци, со години.
Знаеш ли дека повеќето навреди никогаш не се забораваат? Знаеш ли дека после децении ќе ти се памти зборот? Знаеш ли дека кога најмногу ќе ти требам, можеби, јас нема да сакам да ти помогнам? Знаеш ли дека отвараш живи рани? Знаеш ли дека осудуваш без да ја знаеш целосната вистина? Знаеш ли дека со секоја искажана навреда губиш сè поголем кредибилитет кај мене? Знаеш ли дека си губиш џокери без потреба? Знаеш ли дека ниту една игра не е вечна? Знаеш ли дека во еден момент можам да те помножам со нула и да се чувствувам како никогаш да не си постоел/а?
Можам. Не затоа што јас така ќе сакам. Туку затоа што уморното срце повеќе ќе нема сили да се расправа со тебе и твоите каприци. Ќе боли. Многу ќе боли. И најпосле ќе се откаже. Ќе рече: „ДОСТА Е!“
И тогаш, тогаш нема враќање назад. Има болка која стега и не попушта. Не е таа како претходните, мозокот да ги посоветува да простат. Не работи веќе по разум. Работи по душа. А штом срце замрази, сè станува залудно.
Затоа чувај си ги зборовите, животот е долг. Ако ме сакаш како пријател во животот, чувај ме. Ако не, барем кажи ми на време, да не се мачиме.
photo: Pixaby
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.