На 3. октомври во домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово се одржа промоцијата на стихозбирката „Променет живот“ од Славица Петковска. Настанот беше организиран и финансиран од општината Кратово. Ова е нејзина втора стихотворба, лани таа ја промовираше книгата „Бесконечна љубов“, чија содржина е посветена на нашиот ангел Тоше Проески.
Писателката Маријана Митревска во нејзината рецензија за книгата, која ја пренесувам во целост, вели:
„Славица Петковска е една млада талентирана авторка која љубовта и чувствата ги пренесува на „послушна хартија“, како што вели таа низ нејзините стихови. Во оваа втора книга „Променет живот“, таа раскажува за проблемите со кои се соочува поради нејзиното физичко отсуство на одот и животот ѝ продолжува во инвалидска количка. Неможноста да чекори како сите луѓе го опева чуството во песната како „Бунтовна”, зошто сака да биде „Еднаква со другите”. Сака да ги освести дека е „Бунтовна и храбра“, дека се бори им кажува „Не се откажувам“. Им се обраќа со стихови за кои навистина треба да се обрне внимание како се однесуваат едни со други.
Кога сме кај однесувањето, Славица преку песна повторно е разочарана од „Лажни пријатели“ , „Очи кои лажат “ и се прашува „Зошто тага?“. Исто така, прашува зарем не може да сме сите „Еднакви“. Поради однесувањето и карактерите на луѓето, таа запишува стихови во кои се прашува „Дали може да се плаче од среќа“ и дали ќе научи да тагува тајно и дали скришно да плаче, бидејки се чуствува виновна за нејзината наивност и тоа што верува во пријателство и љубов.
Кога сме кај љубовта, Цаци ја искажува на многу разни начини. Љубов кон нејзината мајка, љубов кон убавата тетка, подарува несебично чиста љубов, љубов кон сите луѓе, бесконечна љубов, најголема топла прегратка. Посебна љубов впрочем каква што е и самата таа, посебна и уникатна. Најважно од сѐ е што Цаци во оваа книга се свртила со лицето кон божјата љубов и ангелите за кои раскажува и ги замислува. Низ стиховите кажува дека и преку иконите како ги допира, верува дека ангелите не плачат и може да ја гледаат од горе, од небото. Таа е воодушевена од еден манастир за кој опишува дека местото во кој се наоѓа е рај ,дека тоа е патот на љубовта, градот на љубовта“ и чувствува дека душата ѝ е поголема.
Иако во моментите на тага и борбата повторно да застане на нозе опишува дека душата ѝ е како коцка мраз, како музеј, како ѓердан од бисери, а срцето? За срцето опишува дека е повредено, иако е чисто, тоа понекогаш има црвена ружа која кога цвета неа, трњата ја боцкаат. Едноставно како да ѝ е одземен сонот и желбата. Но таа е упорна и храбра девојка и запишува песна „Не се откажувам“, се бори со чувствата, со одот, а потоа и со карактерите на луѓето. И покрај сето, тоа таа е мотивирана и инспирирана да ги запише сите овие работи во 306 кратки песни.
Замислете, ако една година ја сочинуваат 365 денови, Цаци има 306 песни. Што значи, таа одморила само два месеци од цела година. И постојано се моли кон Бог и се заблагодарува, се заблагодарува за дарот кој го поседува – да пишува, да изработува рачни изработки. И ете, нејзините дела излегуваат на виделина.
Жали што не може да пости, да се причести и затоа го моли Бог да ѝ прости. Цаци ги опшува и скапоцените спомени, возвратената љубов, убавината ја бара во ѕвезденото небо, во белите гулаби, во царството небеско, во шепотот на птиците, во растенијата, во цветовите, во сонцето. Бара вистински луѓе кои нема да ѝ направат уште една лузна на душата , сака да верува дека не е сѐ лажно и не ѝ е важно некој само да ја поддржи и да ѝ каже „браво“, затоа вели дека „Браво е неважно“, опишува дека пријателските и фамилијарните врски не се поддршка ако само на еден човек му кажеш „Браво“. За неа, фамилијата е најголемо богатство и вистинска поддршка се сторените дела кога таа има подеми и падови, како и кај секој човек. Затоа опишува дека понекогаш срцето и душата може да се како затворена кутија и да се внимава што и како прифаќаме.
Цаци сака да живее во свет на љубов и разбирање и многу поучни работи научила од нејзиниот идол Тоше Проески. Затоа откако ги присвои некои карактеристики, нејзе светот ѝ изгледа чуден и фактор лош. Повторно бара утеха во неговите песни и фотографии, а најмногу во фотографијата за која вели и е омилена на „Свето место, омилена фотографија“.
Нејзината повредена душа и неостварените желби ги врежува во спомени како невозможна мисија, се надева на поддадена рака и освестување на народот и утешително се надева и моли Бог да ѝ ги слушне молитвите.
Се надевам во иднина дека ќе има среќни мигови и само насмевки. Те сака твоја вистинска пријателка Маријана Митревска Македонска – Ресен, Преспа, Македонија.“