*Приказната е напишана според вистинска приказна, идентитетот на авторот е познат за нашата редакција

Авантура. Сѐ почна како невина авантура во која и двајцата подфрливме, се заљубивме. И иако тоа требаше да биде тајна врска, секој дозна. Допре глас и до роднините, а јас бев преблиска со неговата сестра. И покрај тоа, се трудевме да останеме во тајна врска поради гордоста и преголемото его што го носевме со себе. Јас доминантна, амбициозна, атрактивна, дружељубива, комуникативна, горда, интелегентна, додека тој ги има само своите убавина и его. Мојата дружелибивист ме доведе до пропаст. Моето другарство со машка особа беше причината мојот принц во кој јас се заљубив и по кого изгубив памет да ме понижи и да ги згази моите достоинство и морал, да го извалка моето реноме кое 30 години успешно го градев.

Беше идеално, ме однесе на вечера во хотел во друг град, каде имаше резервирано и соба. Кога ми кажа, лебдев, очигледно љубовта ми го понесе разумот. Нејсе, отидов, вечерата се одвиваше во најдобар ред. Отидовме во собата и ми рече дека сака да ги тргнеме телефоните за да се посветиме на нас двајцата. Наивно се согласив. Вечерта продолжи со проверки на моите разговори на социјалните мрежи, секој мој обид да го спречам беше проследен со шамар. По што, наиде на разговор со другар кому му раскажав дека ми е тешко што се нафатив на тајна врска, бидејќи јас се заљубив во типот.

„Кажи му ги своите чувства и ќе го најдеш својот пат, а сега добра ноќ, те љуби твојот другар“, гласеше одговорот на другар ми кој буквално беше покрај мене и во добро и во лошо, и кого мојот сакан лично го познаваше.

Но и покрај сѐ, кога тој го прочита разговорот, почна да ме напаѓа со навреди и разни погани зборови. Секако, не ми беше воопшто сеедно и му се спротиставив, велејќи дека не смее така да се однесува со мене. Пред сѐ, затоа што самата јас отсекогаш сум се била борец за женските права, особено сум се борела против насилството врз жената. Иако секогаш велев дека сѐ би простила во животот освен тоа, сепак, никогаш не вели никогаш.

За жал, шамарите беа трошка во приказнава…

Откако го прочита разговорот, ме турна на подот, ми ги одзеде парите и телефонот, по што бев приморана да трчам по него и да го молам да ми го врати барем мобилниот, да го викне татко ми да ме извлече од калта во којашто влегов. Но наместо тоа, тој почна да ме дави сѐ додека не се онесвестив. После тој момент, на ништо не се сеќавам, кога се освестив бев под туш. „Те молам биди жива, не сакам да лежам во затвор“, беше сѐ што слушав додека се обидував да се соземам.

„Абе другар ти што се осудуваш да кренеш рака на жена, на личност што те сака и почитува и е спремна на се за тебе не си за во затвор ти си за во Аушвиц“, си помислив.

И за да е уште помизерна мојата приказна, за да излезам од оваа грдотија, јас морав да влезам во поголема грдотија. Морав да глумам дека меѓу нас е сѐ во ред, дека е нормална неговата несфатлива љубомора, па дури морав и да имам сексуален однос за да му го докажам тоа. Ова е слично на силување, навистина е тенка границата.

После тој грозоморен чин, ми ги врати предметите и ме однесе дома.

Жената што се бореше против насилство врз жената ја премолчи оваа случка, не го пријавив во полиција бидејќи како што кажав бев преблиска со сестра му. Но решив таа да знае зошто решив да заминам од него. И за да биде уште помизерно, таа ме молеше да му простам бидејќи откако сум го напуштила, тој не јадел, не спиел, пиел апчиња, имал редовни несвестици. А жена која сака, секогаш се враќа. Се вратив и јас, не дека му простив ,туку бидејќи не сакав да е несреќен оној кој го сакам. Секогаш ме учеле, прави добро, за да најдеш уште подобро. Е мене, овојпат ме најде лошо.

Беше дочек на Нова година, бев излезена со моето друштво, а тој со неговото бидејќи и после четири години не собра храброст да ја обелодени нашата врска. Требаше да се најдеме во 22:00 часот, но не се појави на договореното место, а јас гуска, мислев дека нешто му се случило бидејќи не ми одговори на повиците и кога конечно се појави, повторно беше истата сцена. Иако првенствено беше фин и се извини што доцни, откако влеговме во автомобилот, почна да ме мава, по што ме исфрли од кола додека таа беше во движење. Овојпат причината беше тоа што сум застанала да им честитам нова година на неговите другари и сум се шетала со фустанче. Ова ми беше втор пат и решив повеќе ниту да кријам, ниту да не му наоѓам оправдание.

Прво се обратив кај сестра му која ми рече дека сум го заслужила ќотекот бидејќи не сум го слушала, само и посакав да не го доживее моето и да се запраша како ќе се чувствува ако утре тоа ѝ се случи на ќерка ѝ, по што решив засекогаш да ставам крај на нашето пријателство.

Тој остана слободен со своето его. Додека, јас сум уништена жена, која 30 години живеела како бубрег во лој, а ја уништи принцот на насилството. Тој истото ќе и го направи на друга жена, а таквите ги има многу и слободно шетаат. Колку и да ме уништи јас сум доволно јака и свесна за да знам дека тој е понижениот, јас можам да продолжам напред, јас можам да се борам, мојот образ е чист.

За жал јас премолчев, немој и ти! Тој што кренал рака еднаш ќе крене и втор пат , неговото „те сакам“ не значи ништо. Оној кој знае за насилство, не знае за љубов. Можам само да му се извинам што јас сум платина, а тој сакаше кич, и што јас бев кралица на светов, а тој живееше на Марс. Јас вредам!

photos: unsplash.com

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.