Софија Петковска, иницијаторот на проектот „Твори-Читај-Биди Хуман“, минатиот месец објави дека „Танцот на стихиите“ е достапна за пошироката јавност. Ова е петта хуманитарна антологија по ред, чиишто пари од продажбата завршуваат онаму каде што е најпотребно. Најчесто тоа се различни дневни центри за деца од загрозени семејства, а овој пат сите собрани средства ќе отидат кај децата со попреченост во Валандово.

Во кнгата учестуваат 40 автори, меѓу кои и јас :). За мене претставува вистинска чест и задоволство да бидам дел од проектот веќе петта година, бидејќи знам дека нашето малку некому значи многу. Концептот на читање и донирање е прекрасен. Посакувам од срце уште многу вакви проекти, во продолжение прочитајте го интервјуто со Софи, каде што ќе дознаете повеќе за книгата и идните проекти.

1. Секоја книга е со различна тематика, овој пат тоа беше спиритуално поврзување со природата. Како дојде до оваа идеја?
Јас длабоко верувам дека идеите никогаш не доаѓаат случајно, туку тие се пратеници на нешто поголемо што нè надминува. Како одминува времето и гледајќи што се случува околу мене, сфатив дека луѓето се оддалечиле од суштината. И ми дојде како откровение дека мораме да се потсетиме дека ние сме дел од таа хармонија. Има една мисла, вели: ,,Сети се за да се сетиш”, навидум проста реченица, но премногу длабока. А „Танцот на стихиите“ е токму повик за повторно соединение со четирите прастихии што ја движат нашата реалност и душа.

2. Кога сме веќе кај природата и спиритуалноста, колку сметаш дека е битно да сме поврзани со неа? Колку воопшто ја цениме и негуваме таа врска?
Поврзаноста со природата е, всушност, поврзаност со себе. Таа е првобитниот храм на човечката душа. Денес луѓето се навикнати да ја земаат здраво за готово, заборавајќи дека секое дрво, капка дожд или залез на сонцето е тајна порака од космосот. А сѐ во космосот вибрира и има живот. Вистинскиот живот е оној природниот и колку подлабоко ја цениме и негуваме таа врска, толку поцелосни стануваме. Таа е мостот помеѓу материјалното и духовното, помеѓу телото и душата. Заборавајќи ја природата, ние се забораваме себеси.

3. Твоите тематики секогаш се невообичаени и длабоки, колку време однапред ја подготвуваш темата?
Јас би рекла дека темите не ги подготвувам, туку едноставно тие ме наоѓаат мене. Јас сум само медиум низ кој тие зборуваат. Понекогаш идејата ме буди во сред ноќ со некој збор, симбол или слика, па набрзина барам лист и пенкало да ја запишам таа идеја. Понекогаш доаѓа како мисла или стих од песна што случајно ќе го слушнам. И дури тогаш започнува духовниот процес — откривање на суштината и нејзино преточување во зборови. Понекогаш тоа трае месец, понекогаш година… Сè додека не осетам дека книгата сама сака да се роди.

4. Кога можеме да ја очекуваме следната хуманитарна антологија?
Сè во универзумот има свое време. Следната хуманитарна антологија ќе дојде кога ќе ја почувствувам нејзината вибрација во воздухот. Обично, еднаш годишно го водам овој проект, значи наредната 2026 би имало нова книга. Сѐ што можам сега да кажам е дека таа нова книга ќе биде нешто поинакво и уште подлабоко.

5. Од оваа, петта хуманитарна книга по ред, се воведоа и некои новитети, па дали би сакала да ги споделиш со јавноста? Што е ново со проектот Твори-читај-биди хуман?

Оваа петта хуманитарна книга не е само ново поглавје во нашата мисија туку таа е почеток на едно патување. Почнуваме со хуман караван, со кој ќе ја носиме светлината на зборот таму каде што најмногу ѝ треба. Досега дониравме главно во Скопје, но сега — ја отвораме мапата на љубовта и низ целата наша држава.

Новитет е и тоа што книгите немаат фиксна цена, туку постои препорачана донација од 300 денари, што значи дека секој може да донира според своите можности — некој повеќе, некој помалку — и да си ја земе книгата како подарок на својата душа. Ова е нашиот начин да ја направиме хуманоста пристапна и отворена за сите, без ограничувања, затоа што добрината не познава граници.

Оваа година се собираат донации за децата од Дневниот центар за деца со попреченост во Валандово. Има уште примероци од книгите, па ја користам оваа прилика да ги повикам сите хумани луѓе да ме контактираат мене или авторите, доколку сакаат да донираат и да бидат дел од оваа светлина што се шири, бидејќи кога зборуваме за хуманост, зборуваме за љубов која расте и се множи со секој допир.

6. И за крај, дали имаш некоја порака до читателите?

Само би кажала дека никогаш не треба да ја потценувате моќта на добриот збор, добрата мисла и добриот човек, бидејќи токму тие го менуваат светот — тивко, но засекогаш.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.