
Писалетката Елизабета Арсиќ неодамна го издаде своето прво дело, прирачникот „101 порака за убав ден“. За себе вели дека е жена, која е вклучена во бројни хуманитарни проекти и секогаш се залага за човековите права. Таа се занимава со пишување уште од својата најрана возраст.
„Пишувањето ми е најголема пасија, која ја негувам уште од времето на школските денови, кога сфатив дека покрај желбата, имам и талент“, вели таа.
Ели додава дека пишува првенствено за читателите, а потоа за себе.
На прашањето како дошла до идејата за создавање на еден ваков уникатен прирачник, таа вели дека сѐ се случило спонтано.
„Идеата дојде од брзото темпо на живот кое ни е наметнато. Сакав луѓето да најдат време и да прочитаат порака, а понекогаш и само една порака ни е доволна за да нѐ мотивира и да ни го исполни денот. Книгата ја нарекувам прирачник со убав пишан збор за сечиј вкус. Инспирација ми се луѓето и пишувам за нив. Мило ми е што им се допаѓаат моите пораки и ќе продолжам да ги усреќувам. Имам уште дела кои го доправа ќе го чекаат својот ред.“, објаснува Ели.
Промоцијата на овој прирачник ќе се одржи на 1. октомвери (среда) во скопското кафуле Манда (веднаш до книжарницата Сакам Книги) со почеток од 19.00. Но дотогаш изданијата можат да се испорачаат директно кај неа, на нејзината Фејсбук страница – Цитатите на Ели Арсиќ, по цена од 200 ден.
„Би сакала да ви порачам, да го вратиме во мода, класичниот стил на живот и да најдеме време и да прочитаме некој убав пишан збор. Да се радуваме на малите работи, затоа што тие и се најголеми. И кога ќе се исполни сонот, да продолжиме да чекориме кон него… бидејќи сонот нема крај. Ве очекувам на промоцијата, бидејќи среќата е поголема кога се дели. Дојдете заедно да се радуваме“, вели таа во својата порака за читателите на zenanazena.com.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.