
Наталија Наумовска Велковска е дипломиран психолог, вработена во основно училиште, каде што секојдневно е во контакт со деца, родители и наставници. Покрај психологијата, таа ги сака поезијата и музиката. Токму преку спојот на својата професија и овие две љубови го создаде YouTube каналот „Слушај Поезија и други приказни“.
На почетокот, слушателите на каналот можеа да слушаат поетски рецитации, а подоцна содржината беше збогатена со нејзини авторски песни, поучни приказни, афирмации и смирувачка музика. Пред околу една година, Наталија почна да создава и содржини за најмалите, со цел да им помогне полесно да ги препознаваат и разбираат своите чувства.

„Преку работата со деца сфатив дека тие полесно ги прифаќаат пораките кога се пренесени преку музика и приказни. Отсекогаш сум се ставала во кожата на децата за подобро да ги разберам, а го негувам и детето во себе, па ова дојде сосема природно и спонтано, со оглед на тоа што од мала пишувам песнички. Наместо да им кажеме на децата што е правилно, можеме да им помогнеме самите да го почувствуваат тоа. Една песна често останува во детското сеќавање многу подолго од обично објаснување“, раскажува таа.
Нејзините песни меѓудругото обработуваат теми како тагата, стравот, храброста, пријателството, благодарноста, самодовербата и емпатијата. Како што објаснува Наталија, емоциите се еден од темелите на детскиот развој.
„Ако детето научи да ја препознае тагата, стравот или лутината, полесно ќе научи и како да се справува со нив. Не треба да ги учиме децата да ги потиснуваат чувствата, туку да ги препознаваат, прифаќаат и изразуваат на здрав начин“, вели таа.
За разлика од многу други детски видеа на интернет, секоја нејзина песна има воспитна и психолошка цел. Содржините не служат само за забава, туку поттикнуваат разговори за чувствата, однесувањето и вредностите. Зад секој текст стојат нејзиното професионално искуство и желбата да создаде нешто што ќе има трајна вредност.
Психологијата многу ѝ помага во процесот на создавање бидејќи ѝ овозможува подобро да ги разбере потребите на децата, како и нивниот начин на размислување и чувствување. Затоа внимава јазикот да биде едноставен, позитивен и охрабрувачки, без осудување или предизвикување страв.
„Децата имаат потреба некој да им покаже дека е во ред да чувствуваат. Понекогаш една песна може да отвори разговор што еден возрасен долго време не успеал да го започне. Токму затоа се создава секоја нова содржина, со желба да биде поддршка и за децата и за нивните родители“, објаснува таа.
Наталија најмногу се радува кога некој родител ќе ѝ каже дека неговото дете почнало да зборува за своите чувства откако слушнало некоја нејзина песна или приказна.
„Исто така се радувам кога ќе слушнам дека песничките се пуштаат во градинка или на детски родендени. Тоа е најголемата потврда дека музиката може да биде мост до детското срце“, искрена е таа.
Видеата ги користат и родители, воспитувачи, наставници и стручни соработници како дополнителна алатка за разговор со децата. Покрај песните и поучните приказни, на каналот може да се најде и смирувачка музика за релаксација и сон, како и видеа што ги поттикнуваат детската имагинација и љубопитност.
Каналот досега има над 300.000 прегледи, што претставува големо признание и дополнителен мотив за понатамошна работа. За Наталија, тоа е показател дека навистина постои потреба од ваква содржина на македонски јазик.
„Секој преглед за мене е можност една позитивна порака да стигне до уште едно дете. Сметам дека каналот заслужува многу поголема слушаност токму поради неговата воспитно-образовна страна и забавниот карактер, колку и да звучи нескромно“, додава таа.
Во време кога на интернет преовладува странска детска содржина, овој канал претставува значаен придонес кон збогатувањето на македонската дигитална сцена. Сите текстови, песни и приказни се авторски, создадени на македонски јазик и приспособени на возраста на децата.
Мисијата на Наталија е да продолжи да гради катче во кое децата ќе можат да учат, да се смеат и да пеат, но и да разберат дека секое чувство е важно.
„Верувам дека емоционално здравите деца утре стануваат посигурни, поемпатични и посреќни возрасни“, вели таа.
Во моментов подготвува нов циклус авторски песни посветени на емоциите, како и поучни приказни што ќе им помогнат на децата да развиваат самодоверба, емпатија и отпорност. Во подготовка се и содржини за секојдневните животни ситуации и за развивањето позитивни навики.
На родителите им препорачува да не ги потценуваат навидум „малите“ разговори со своите деца.
„Понекогаш една песна, една приказна или едно едноставно прашање: ‘Како се чувствуваш денес?’ може да биде почеток на разговор што детето ќе го памети цел живот“, додава Наталија.
Таа верува дека музиката не е создадена само за слушање, туку може да биде начин детето да научи да ги препознава своите емоции, да развива емпатија и да расте со поголема самодоверба.
„Ако барем едно дете се почувствува разбрано благодарение на една моја песна, тогаш знам дека сум ја исполнила својата цел“, заклучува таа.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.
