
Се сеќавам, имав 7 години кога во комшиите се правеше свадба. Нас ни беа фамилија и ние бевме поканети.
Ќуќите ни беа речиси исти, четворни ги викавме бидејќи беа такви, на еден спрат со 3 сопчиња и едно купатило. Во едната имаше ставено разбој, пред да се прави свадбата, бидејќи се спремаше чеиз за невестата, се ткаеја дипли за веленциња. Јас иако мала, сепак научив да ги правам маалките со предено(волна), кое баба ми потоа го употребуваше во разбојот.
Нејсе, се спремаше речиси сѐ: чаршафи везени, плетени, гарнитури плетени, гоблени везени, постелнини со бордура, перничињата беа посебна приказна, кое од кое поубави.
Ден четврток. Од сабајле, рано наутро кај момчето се разви бајракот и дента сватовите дојдоа кај невестата. Ги пречекаа сватоштините, прегрнувајќи се и честитајќи меѓу себе. Свекрвата носеше бела шамија на главата, извезена со муниста и шарено темноцрвено костумче со кошула и сукња до под колена. Зетчето, младо, убаво, со бела кошула и крем панталони од штоф сошиени кај кројач.

Сватовите седнаа во дворот под лозницата. На импровизирани маси направени од талпи и прекриени со мушама имаше ставено јадење: зелка салата со маслинка, сиренце и француски сендвичи (кришки мало лепче намачкано со маргарин одозгора кисела крставичка и рендано сирење). Вечераа манџа со компир, а потоа младите момчиња и девојчиња го изнесуваа чеизот, а на невестата и го донесоа невестинскиот фустан, вечерта прва го облекуваше месаријата, а потоа и сите девојки стасани за мажење.
На оградата од куќата беше собран целиот комшилок, а домаќинката ги даруваше сите со крпи, кошули, шамивчиња, без исклучок, беа дарувани и комшиите и сватоштините. Тогаш сите заедно живееја и сите заедно се радуваа кога ќе имаше свадба. Сватовите заминуваа со свирење, домаќините ги испраќааа, а потоа комшиите седнуваа да вечераат и да се веселат со оро и музика. Речиси до полноќ.

Недела. Уште утрото домаќините се спремаа за свадбата, во летната кујна беа ставени два казани со гравче и манџа, салатата беше готова, сирењето наместено во тањирчиња, лебот исечен, речиси сѐ беше готово. Дворот беше изметен откако претходно го попрскаа со вода, бидејќи беше земја. Околу пладне стигнаа сватовите, свирките на автомобилите одекнуваа низ населбата. Напред беше бајракот, потоа кумовите, свекорот, свекрвата и цела фамилија.
Дојдоа 30 автомобили. Со музика и песна влегуваа во дворот, а домаќините ги пречекуваа. Скромно облечени, речиси без фризури, жените се поздравуваа, а свекрвата и золвите влегоа кај невестата. Таа веќе беше спремна, на себе го носеше невестинскиот фустан, косата ѝ беше кратка, ноќта ставила витлери и дента само ја исчешлала и ставила малку лак за коса, на ноктите немаше лак, тие беа природни и кратки, а шминката се состоеше од розев нежен кармин и малку маскара. Нејзината младост и среќата која извираше од погледот беа најубавиот украс.
Се поздравија со свекрвата, невестата ѝ ја бакна раката, а свекрвата ја бакна во челото, потоа ѝ стави златно ланче околу вратот и исто такво околу раката, потоа ѝ врза и црвено волнено конче против уроци. Три пати ја помина околу половината со лепче и сребрена паричка за благодет и да биде со родна среќа.
Сватовите после играта и веселата песна, седнаа да ручаат во дворот: салатичка, манџа, по ручекот имаше лубеница, варена пченка и торта (домашна вкусна торта, едноставна но многу вкусна и филувана со пудинг од малина, одозгора наросена со кокос).

И ден денес не можам да го заборавам тој спектар на вкусови, свадбата, кога вистински се живееше, кога навистина имаше среќа и радост, кога сите бевме едно, а многу среќни. Ги испраќавме сватовите, се поздравувавме со нив, а на заминување мајката на невестата фрлаше бонбончиња по автомобилите, пченица и некоја ситна паричка. Кога тргна автомобилот од невестата истури бокал вода, за животот на младенците да им биде извор на среќа, бериќет и благослов од Бога.
Денес имаме модерни свадби, каде глумата ни е за Оскар, каде трошиме илјадници за кетеринг, китење, украсување по домовите и салата, каде се троши цело едно богатство за 5 часа. Оваа свадба што ви ја опишав беше три дена и три ноќи, сите беа присутни, најадени и напиени и што е најважно… Немаше ниту завист, ниту злоба, ниту лицемерие. Имаше љубов и подадена рака, имаше ЖИВОТ, кој сега го трошиме за реклама…
Сѐ би дала за уште една ваква свадба и среќа која ја чувствував во погледите и срцата на луѓето…

Автор: Оливера Ширговска 18.07.25
photos: Unsplash, Freepik
