Ивана Глоѓуновска е сопруга и мајка на три прекрасни сина. Таа е авторка на „Измешани чувства“ (поезија), „Вистинска љубов“ (роман) и „Молкот на страдањето“ (автобиографија). Започнала да се занимава со пишување уште од најрана возраст, најпрво со поезија која ја пишувала во своите тетратки, а веќе на 17-годишна возраст го напишала и својот прв роман „Вистинска љубов“, кој го издала многу години подоцна.

„Активно се посветив на мојата креативна работа од 2022 година, учествувајќи на поетски и литературни настани и натпревари. Пишувањето за мене е начин на изразување, емоционален и креативен процес кој ми помага да ги пренесам моите мисли и чувства на читателите“, вели Ивана.

Од многуте учества, највредно искуство ѝ е она кога освоила трета награда за најдобра песна на црногорскиот регионален конкурс „Загрли ме стихом“. Но исто така вели дека е пресреќна што е дел од хуманитарниот проект на Софија, „Твори, читај, биди хуман“.

Инспирацијата ја црпи од секојдневните случувања, од емоциите и моментите кои сите ги доживуваме.

„Најчесто пишувам за љубовта, семејството, пријателството и личниот развој. Моите дела ги посветувам на читателите – на сите кои ја сакаат поезијата и литературата, кои ценат искреност и емоција во зборот и кои уживаат да се допрат од една искрена порака или чувство“, додава таа.

Главната цел на ова интервју со неа, всушност, е и нејзиниот најнов проект „Мој свет во стихови“ кој ќе се одржи во Домот на културата во Сопиште.

„Досега сум организирала два поетски настана во Домот на културата во Сопиште и секој пат тоа беше големо задоволство и инспирација за мене. Мојот најнов проект е наменет за деца и има за цел да ги поттикне да читаат и да ја сакаат поезијата“, вели Ивана.

Во реализацијата на настанот ќе бидат вклучени и авторките Марга Велеска и Тања Филиповска Здравеска, кои се дел од организацијата и комуникацијата со учесниците, со што го прават настанот да биде успешен и пријатен за сите.

„Процесот за пријавување е едноставен: децата кои сакаат да учествуваат можат да ми испратат свои песни во одреден рок. Потоа, сите учесници добиваат благодарница, а избраните песни ќе бидат прочитани на самиот настан пред публика. На овој начин, секое дете има можност да ја изрази својата креативност, да настапи пред публика и да почувствува поддршка и мотивација за понатамошно пишување“, додава Ивана.

Датумот ќе биде дополнително објавен.

Нејзината порака до читателите на zenanazena.com е никогаш да не престанете да читате и да ја негувате кон пишаниот збор.

„Читањето отвора нови светови, инспирира, поттикнува креативност и ни помага подобро да го разбереме животот и луѓето околу нас. Секогаш најдете време за книга или песна, тоа е богатство кое никој не може да ви го одземе. Секое мое дело носи порака и емоција која вреди да се сподели“, заклучува таа.

фото:

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.