Вчера на својот личен профил споделив видео на кое играм среде трговски центар и воопшто не ми беше гајле дали некој ми гледа или не. Ѝ се предадов на музиката во целост и уживав во нејзините ноти. Не ми беше гајле дали некој ќе се насмее, што ли ќе си помисли. „Луда ли е? Шоу ли си прави? Тикток ли снима?“..
„Пих.. нит снимам, нит ми чуе. Уживам во животот, тоа ми е“, си помислив.
И додека така нон-шолантно си поиграв неколку секунди, инаку често знам да се заиграм, ми текна на уште поважно нешто. Да беше ова пред шест години, ќе драмев. Сигурна сум. И зошто? Затоа што тогаш не бев на терапија. А сега сум… и тоа на најдобрата, љубовната.
Најдов партнер кој ме прифаќа и цени, па случајно реши да го сними моментот на препуштеност. Иако беше снимен пред неколку дена, го споделив дури вчера. Зошто? Не знам, проработи анксиозноста во мене. Ама пак не ѝ се дадов, бе. Сеедно ми е.
Зарем цел живот ќе се ослонувам на тоа што ќе речат другите? Дали засекогаш треба да се лишам од уживање за не им ја расипам глетката на другите? Што би направила јас за да се засрамам? Само играм и уживам, зарем премногу барам?
И ете така, едноставно ѝ зададов шах-мат на анксиозноста, кучка стара. Нека се чуди што ја снашло. Ја снајде најдобриот лек за мене, љубовта, ете тоа ја потресе.
Пред некое време добив еден прилично убав комплимент дека пред три години сум почнала да ги гледам луѓето во очи со самодоверба и сум била полна со себе. Реков да, бидејќи шест години сум на терапија.
Мојата терапија се секојдневните прегратки, изливи на љубов, комплименти, критики, насоки, убави зборови. Лекот се бакнежите и долгото гушкање под ќебенце. Сирупчето се прошетките и држењето за рака. За пред спиење долго муабетење и советување, прифаќање на мојата индивидуа како таква. За насабајле мотивација и инспирација.
Со него си го засакав животот во вистинска смисла на зборот. Со него бев девојче мало и прераснав во зрела девојка. Со него паѓав, се лизгав, станував и се кревав. Има уште многу од патеката, знам.
Ама сега, после шест години сум посигурна во себе, затоа што знам дека конечно имам некој кој ја држи цврсто мојата дланка. Имам некој кој верува во мене. Имам некој кој ме мотивира дека можам уште повеќе. Имам некој кој ги прифаќа моите совети, имам некој за кого сум целиот свет. Имам некој кој успевам да го утешам, а и тој мене. Имам некој пред кого можам да заплачам и да се разголам.
Имам некој на кого можам да му читам поезија. Имам некој на кој што можам да му се доверам. Имам. И тоа е посилно од било која друга терапија.
Да знаеш дека можеш пред некого да го правиш она за кое отсекогаш си сонувал со оваа состојба е неверојатно чувство. Јас со него зборувам гласно и страсно. Јас го испуштам гласот кој го потиснувам без него.
Тој ми е само доказ колку можам и на што се сум спремна, кој е мојот максимум. Тој ја брише анксиозноста. Тој е храброста која ми дава крилја да полетам. Знам, морам да допораснам. И да бидам истата и кога не е со мене, бидејќи хеј, не сме сијамски близнаци јебо те. Но да, работам со полна пареа на случајот.
Само тој нека е добро и да чува Бог од секое зло, мене тоа ми е доволно. А јас ќе растам ко квасец секој пат, одново и одново. Затоа што знам, јас сум многу повеќе од анксиозноста. Јас сум јас, незапирлива и неуморна, вечно заљубена писателка.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.