Оние што се оддалечуваат од мене, не се ни свесни каква услуга ми прават. Тоа што јас сакав да го сторам, тие го направија место мене. Мразам разделби, па ги тинтрам.

Фала ви дечки, само утре кога ќе ме видите, слободно одминете ме. Не ми правете бед, кој ќе ве прима назад во животов. Останете ми така, далеку на свое. Штом еднаш сте ги затвориле портите за мене, никогаш повеќе не ги отварајте.

Не ми треба подадена рака откако сум заздравила од падот, не ми треба утеха по преброден период, не ми треба прегратка како задоцнет воз. Не ми требаат улизувања, на нив сум веќе имуна. Не ми го говорете напразно името, ако во нив ја нема жарта. И не се покајувајте, бидејќи јас веќе ве избришав.

Не сакав, ама пораснав. Порасна и моето срце кое силом приликом мораше да се искалеми. А и очите не гледаат исто. Розови за себе, црни за другите.

Можеби еден ден очајно ќе се убедувате да го пргнам црниот првез, да ве сфатам, да видам што се обидувате да ми покажете, да ја почувствувам љубовта која сакате да ми ја прикажете. Ама луѓе мои, како да ви објаснам дека е предоцна? Дека срцето можеш да го гориш, можеш и да го скшиш и залепиш, ама секогаш ќе ја разобличува својата форма и никогаш нема да е истата како што некогаш била.

Би ја земала сета сила на светот и би ви простила, само ако знам дека никогаш повторно нема да имате шанса да допрете до мене. И ви простувам и ве ослободувам, само одете, кршете негде на друго место глава.

Ќе бев и пријателка и сестра, најљубезната школска и прекрасната комшивка, ќе бев. Ама веќе не гледам причина да бидам ништо од тоа, кога вие одамна ставивте превез на очите. И не гледавте ништо друго освен себе. Себичлокот ве изеде.

Мене само услуга ми направивте, на крајот на денот. Тегличката со пријатели се празни, ама и полни. Не со кванитет, туку со квалитет. Им дозволивате на другите пријатели да се шират во неа. Толку многу што ме задушуваат понекогаш од нивната љубов, наспроти досегашната омраза и злоба.

И нека ме задушваат, камо сите да се задушени од љубов. Нека ми се јават и по десет пати во денот за да ме прашаат како сум, каде сум, зошто сум. Нека ги споделат со мене сите тајни, нека си ги искажат своите маки, нека ми се свијат во прегратка и нека плачат. Ќе плачам и јас со нив.

Нека ме гушкаат и нека ми го земаат здивот. Ако. Барем знам сум снемала здив од љубов.

Нека ме трескаат од земја кога грешам, знам дека тоа го прават со најдобри намери.

Нека ми урлаат во три сабајле пијани. Пак ќе ги сакам, иако во моментот ќе посакам да ги задавам.

Нека ми се јават и од крајот на светот, барајќи ме да ги најдам. Ќе одам пеш по патот и ќе ги стасам.

Нека ми ја соголат душата, знам дека ќе ми ја олеснат. А ако згрешам, тогаш како што вели песнана, нека изгорам. И како феникс, повторно ќе изникнам.

Човек кој ги прифаќа своите маани, нема од што да се срами. Нека се засрамат сите оние кои глумат пријатели. Кои ја цедат и последната ронка надеж.

И не, не ти требаат многу пријатели. Не… човек не е богат со тоа колку пријатели има, туку какви ги има. Можеби некогаш имам 50, сега имам четири. А прашај ги, вредат повеќе од илјадници.

А најмногу од се’, важно е себеси да се имаш за најверен пријател. Да си го слушаш и срцето и разумот. Да изградиш свое ЈАС кое ќе те штити од останатите.

Да бидеш свој на свое…

photos: Pixabay

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.