Неодамна од печат излезе четвртата по ред хуманитарна антологија, наречена „Херој“, која чини симболични 300 денари.

Целта на концептот „Твори-Читај-Биди Хуман“  е парите од продажбата да заминат во рацете на оние кои им е најпотребно. Овој пат, иницијаторот на оваа прекрасна идеја – Софија Петковска, реши тие ќе бидат пренаменети за потребите на децата од социјално загрозени семејства, а кои го посетуваат дневниот едукативен центар ,,Дендо Вас ” во Скопје.

Па пријатели, за 300 денари ем читате, ем донирате. Има ли нешто поубаво? Доколку сакате да бидете хумани, а воедно и да ја имате оваа книга во вашата домашна библиотека, слободно контактирајте ја организаторката во порака на Поезија на Софија или на мојот мејл: [email protected]

„Херој“ брои 35 автори, меѓу кои сме Софи и јас. Накратко со неа поразговорав околку нејзините идни планови со овој хуманитарен проект.

„Пред време ништо не би можела да зборувам, со оглед на тоа што секогаш ми се раѓаат нови идеи, а и нештата не се константни, постојано се менуваат, но со сигурност можам да кажам дека малку ќе се промени концептот на проектот, во смисла поголема соработка со училиштата и библиотеките, но и планираната средба на авторите и свечено делење на дипломи како завршен дел од проектот која се реализираше на крајот после делењето на донациите, овојпат ќе биде заменета со настан кој ќе се случува на почетокот, веднаш чим се испечатат книгите, со можност да има промоција на книгата и сите оние кои сакаат да донираат и да купат да може да го направат тоа лично и да се запознаат со авторите како и со целиот концепт на ТВОРИ-ЧИТАЈ-БИДИ ХУМАН“, вели таа.

Прашањето дали планира да го прошири во поинаков уметнички облик, за заинтригира и подзамисли.

„Интересно прашање кое поттикнува на размислување, морам да признаам, но навистина сега за сега немам некои идеи и замисли како тоа да го изведам, но е одлична можност да се размисли и за ова, убава идеја“, одговори таа.

Меѓу другото, ми објасни накратко и како доаѓа до идеите за насловите на книгите: „Најпрвин размислувам која би била темата за творење, а потоа откако веќе ќе ги прочитам сите творби од авторите, размислувам и за насловот на книгата, како и за корицата и нејзиниот дизајн. Со авторите на книгите сум постојано во комуникација, па така јас им покажувам неколку интересни фотографии и им давам наслови на книги како примери, кои потоа ги гласаме сите заедно и која фотографија и наслов ќе добијат најмногу гласови, тие се одредуваат како финален продукт за книгата. Конкретно,за последнава книга ,,Херој”, на авторите им дадов можност да гласаат за корица на книгата, а за наслов беше повеќе од очигледно кој треба да биде, со оглед на тоа што имаше многу различни теми на песни и текстови, но за сите нив заедничкото име е токму името – херој“.

И за крај, секако, ја прашав од што е најзадоволна во однос на проектите досега.

„Најзадоволна сум од ангажираноста на авторите и блискоста која се создава меѓу сите нас со секоја книга од овој проект. Секогаш умеам да кажам дека ние не сме само автори-соработници, туку ние сме едно големо хумано семејство и овие книги нѐ сплотија, се родија многу пријателства, а и на некои, посебно на младите автори, овој проект им беше “отскочна даска” за нивните понатамошни лични книжевни успеси. И секако, јас сум презадоволна и од поддршката која секогаш ја добиваме од медиумите на било каков начин“, вели Софи.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.