Штотуку се вратив од Вашингтон, каде преку бизнис обуки, тимски активности и свечености со највисоките претставници на Стејт Департментот на САД, ја прославивме 10. годишнината од Глобалната Спортска Менторска Програма и 50. годишнината од федералниот закон за човекови права „Title IX“, благодарение на кој во 1972 година во САД жените добиваат еднакви права и финансиска поддршка во сите сфери на општетството.

На настанот присуствуваме 40 девојки од целиот свет, а покрај мене беше присутна и Силвија Митевска, претседателка на комисијата за родова еднаквост при Македонскиот Олимписки Комитет.

На завршната свеченост со свои инспиративни говори се обратија и првата дама на САД, Др. Џил Бајден како и бр.1 тениската легенда на САД со 39 Гранд Слам титули – Били Џин Кинг, која и самата била борец во донесувањето на законот „Title IX“.

За мене лично оваа година беше исклучително важна, како прво бидејќи сум дел од самото основање на програмата во 2012 година, по иницијатива на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, со која и лично имав чест да се запознаам.

Програмата се изведува во партнерство со најголемите спортски компании од САД, а имплементирана од страна на центарот за Спорт Мир и Општество при Универзитетот на Тенеси под менторство на Др. Сара Хилиер, директорка на центарот.

Токму пред десет години го започнав и движењето за вклучување и зајакнување на жените преку спорт во нашата родна Македонија, оваа иницијатива беше широко прифатена и се’ уште се надградува во нашата заедница.

Мојот ангажман вклучуваше разни платформи за едукација и мотивација на млади и жени преку спорт, теренски активности, обуки на жени во планинарските спортови, многубројни медиумски излагања, мотивациски и едукативни конференции, ТВ емисии, основање и поддршка на орагнизации со слични заложби и интензивно лобирање за подигање на свеста.

Мојата задача како пример за жените и девојките во Македонија беше меѓу другото да ги поместам границите во планинарките спортови и да напишам историја како прва Македонка и меѓу 70 жени во светот која се искачила на Монт Еверест и на највисоките врвови на сите 7 континенти.

Сите овие напори како адвокат за жените во спортот ја достигнаа својата кулминација токму годинава кога ја добив наградата Европска жена на годината од делегацијата на ЕУ во нашата земја.

Оваа награда поттикна илјадници позитивни реакции и честитки од најразлични профили во земјата, мажи и жени, мајки, татковци и млади ентузијасти, искажувајќи искрена благодарност за инспирацијата која секојдневно им ја давам преку моето мултимедијално делување.

Со сето ова, последнава деценија ја заокружувам со достигнување на една животна мисија, искачување на 7-те врвови, дополнително 6 светски врвови над 6000 метри висина, две публикувани авторски книги, 11 национални награди за спортско достигнување и особен придонес во промоција на нашата земја.

На моите програми биле вклучени преку 750 деца и млади, а уште илјадници други биле индиректно вклучени преку виртуелни програми и мултимедијални платформи. Мојот последен авторски документарен проект „Нејзината Приказна“ беше прикажан на 25 интернационални филмски фестивали каде освои 5 награди.

Огромна благодарност до тимот од Универзитетот од Тенеси, како и сите учесници и поддржувачи на Глобалната спортска менторска програма, благодарение на која, денес, преку 140 девојки од 68 земји на светот може да се пофалат со нивните достигнувања, придонесувајќи кон глобален ефект на нашата заедничка мисија: да поттикнеме социјални промени во нашите заедници преку спорт.

Како ликовен уметник ми беше особена чест да бидам дел и од работниот тим при визуелизација на приказните на другите учеснички, преку книга, веб страната и анимирани филмчиња по повод десетгодишнината од програмата.

фото: Илина Арсова фејсбук

Текстот е во сопственост на Илина Арсова