Има денови кога постојано мислам на тебе. Не ми се вадиш од ум. Како да си залепена за челичните порти кои стегаат како окови околу моето срце. И ти успеваш некако таа стега, таа болка да ја ублажиш иако самата болиш.
Мислам на тебе. Мислам на средбите. Мислам на зборовите. Мислам што ќе беше ако беше.
Многу пати ми прелетува мислата да ти посветам цела книга. Само за тебе. И името ми е врежано в глава. Знам точно кое име најдобро ќе ти прилега и сега додека пишувам ми одекнува. Но, го чувам само за себе. Не сакам да го вриснам на сиот глас иако посакувам илјадапати да те повикам баш со тоа име. Да ме слушнеш до небото. И да се насмееш затоа што проклето добро знаеш зошто сум го избрала тоа име. Име на спокојна болка. А постои ли такво име? Таков назив за едно чувство кое никогаш не бледее. Спокојна болка. И ти самата добро ќе знаеше на што мислам. Знам.
Има денови кога со часови слушам музика. Те барам меѓу стиховите. Некаде си скриена меѓу Пинк Флојд, колку и да звучи клише. А знам колку ти „сакаше“ клишиња и мејнстрим музика. ти беше создадена за поголеми нешта, многу поголеми од она на кое што сум навикната јас. Затоа можеби никогаш не се ни потрудив да те разберам во таа сфера. Невозможно беше. Тоа е како да му ја бараш скриената порака на маестралниот уметник чија рака не создава ништо освен дела за кои се зборува векови подоцна, а сепак да не се мејнстрим. Ти не беше „Мона Лиза“, ти беше ретко дело кое е познато само во круговите на најлудите уметници и љубители на надреализмот.
Ноќва го почувствував твојот мирис. Едноставно слета во моите ноздри. Не е мирис кој е невобичаен. Но, сепак оваа вечер беше посебен. Знам дека беше до мене. Те почувствував. За прв пат се насмеав, наместо да талкам со очите надоле, обидувајќи се да се соземам. Знам колку „сакаше“ солзи, затоа ти ја подарив најубавата насмевка.
Ми недостигаш, бубаче. Ми недостигаш проклето секој ден. Фалиш. Фали твојата душа, фали твојата насмевка. Фали твојата индивидуа.
Те сакам. Ти си вечна…
photo: Pixabay
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.