
1. Која е Амела Мемиш Апостоловска? Како најдобро би се опишала себеси?
Дипломиран психолог на Лондонскиот Универзитет и сертифициран клинички психолог со примена на психотерапија од Кардиф Универзитет. Мајка на две деца со различна попреченост, кои се нејзината најголема инспирација за творење и професионален ангажман.Автор на книгите „Гласот од Тишината“ (2023), „Различни но слични“, „Боенката на Леон – за сите дечиња со аутизам“, „Прирачник за родители на лица со потешкотии во развојот“ во тек е и превод на книгата на македонски јазик ,,Светот на аутизмот“. Основач на здружението „Гласот од Тишината“, акредитирано од CPD, кое работи во областа на личниот развој, едукацијата и психолошката поддршка.На УКИМ сум во социјална Политика и на институтот Специјална едукација и рехабилитација
Иако имам богата академска и професионална позадина,често кажувам дека сум „само еден обичен човек“ кој не сака етикетирање. Мојата мисија е да градам свет во кој различностите не се пречка, туку сила и можност за развој.
2. Кога започна твојата борба како мајка, со што сѐ се соочи со Андреа ? Можеш ли накратко да ни раскажеш за тоа?
Мојата борба како мајка започна на 25 години, со раѓањето на ќерка ми Андреа. Се роди со деформитет на десното стапало – clubfoot, за кој беше потребен третман со Ponseti метод, што подразбира пет фази на гипсање и операција на тетивите. За жал, во Македонија тогаш немаше кој да го спроведе правилно, па имаше моменти кога ѝ го вртеа стапалото без анестезија.
Подоцна, на тригодишна возраст, Андреа доби субкутен емфизем. Тоа беше период на огромен страв и неизвесност. Таа до ден-денес живее со последици: атрофија на мускул, астма и пробив на десното белодробно крило, кое не може да зарасне и не се лекува. Поради тоа, не може да се подложи на операција надвор од земјата, бидејќи ризикот од анестезија е преголем.
3. На свет доаѓа Леон, кога првпат примети дека нешто се случува со него? Како реагираа останатите? Како успеа со својата упорност и посветеност да ја подобриш неговата состојба?
Леон се роди во 2013 година, кога Андреа имаше две години и 8 месеци. Првите сомнежи се појавија кога тој имаше околу една година: изостануваше со моториката, немаше ниту фокус ниту концентрација, не држеше играчка, не правеше контакт со очи, ниту самостојно јадеше или пиеше вода. Тука ми се уклучи алармот дека нешто не е во ред со неговиот развој.
Иако на почетокот околината не веруваше во моите забелешки, решив да ги преземам работите во свои раце, бидејќи сепак се работи за дете кое остатокот од животот ќе го помине со мене. Јас сум неговата мајка која треба да застане до него и да го исправи на патот без разлика со се што ќе се соочиме.
За жал препреките имаше и се уште ги има, бидејќи во такво општество живееме, но сепак длабоко верувам дека ќе се направат промени. Почнав прво со прифаќање на состојбата, потоа работа на себеси, односно на својот личен раст и развој, бидејќи клучот на неговото подобрување бев јас, потоа го анализирав и започнав со работа со него. Со трпение, љубов и анализа на неговите потреби, Леон излезе од најтешкиот аутистичен спектар и денес има високофункционален аутизам. Иако, со општеството се уште војуваме.
4. Кога првпат започна гласно да зборуваш на оваа тема? Како се одвиваше процесот на првите две книги, но и боенката на Леон?
На почетокот се фокусирав само на децата да го постигнам сето оноа што го имав за цел, од едукација до ова да бидат што се денеска. Во 2023 ја издадов првата книга ,,Гласот од тишината”, кога се појави и Леон како пример дека кога се сака се’ се може и дека мајчинството е најголемата титула што може да постои на земјината топка.Веднаш потоа го основав центарот за личен развој, едукација и психолошка помош и поддршка ,Гласот од тишината” – Скопје. Тој има за цел да спроведува едукации и нега на менталното здравје, како и работилници помеѓу деца и родители.
Во 2024 ја издадов и втората книга насловена ,,Различни но слични“ како омаж за жената, пријателството, љубовта но пред се’ и за родителите на децата со потешкотии во развојот. Со неа е и боенката на Леон за сите дечиња со аутизам. Сите овие дела се психолошки мотоватори за секое битие, напишани од животот во Македонија, како пренесени пораки од некој кој го живее животот овде, а не надвор од неа.
5. Создаде прирачник за родителите на децата со попреченост, колку сте си всушност поддршка едни на други? Дали имаш средби со нив, колку тие луѓе ја трпат стигмата од општеството? Можеш ли да ни раскажеш нешто околу твојот проект насловено како Национална психолошко-мотивациска турнеја „Од тишина до глас“?
Националната психолошко-мотивациска турнеја ,,ОД ТИШИНА ДО ГЛАС “ , ја започнав најмногу со акцент на руралните средини. Таму има мајки и татковци кои никој не ги слушнал, кои се соочуваат со многу препреки. Заедно со Леон се трудиме да ги мотивираме и да ја срушиме стигмата. Прирачникот го изработив со љубов со кратки вежби и со пристапна цена за сите лица кои минуваат низ ваков период. За него веќе имам во план на третата промоција да оди бесплатно со новата книга ќе бидат совршена комбинација.
6. Неодамна објави дека наскоро ќе излезе од печат книгата „Светот на аутизмот“ каде што фокусот ќе биде ставен на животот на Леон, можеш ли да ни раскажеш нешто повеќе околу тоа? Ќе има ли промоции низ Македонија и странство, со оглед на тоа дека ќе има и англиска верзија од ова издание?
Книгата е сосема различна од останатите, со многу поголем акцент на аутизмот со прекрасно испреплетени моменти од животот на Леон. Исто така, таа е и компарација на повеќе типови на аутизам во која се пишува стручно директно и треба да се прочита само. Промоцијата ќе биде токму на денот на лицата со попреченост на 3. Декември , а локацијата и времето дополнително ќе бидат соопштени, како и рецензентите на книгата. За надвор од Македонија засега не сум во план да одам со физичко присуство, но секако онлајн можеме.
7. Кои се твоите идни планови, колку е тешко да се држи баланс помеѓу работата и домашните обврски, но и паралелните проекти кои ги тераш?
Се трудам да не одам многу во иднината. Секогаш се водам со тоа дека иднината треба да се грижи за себе, а јас да се погрижам за сегашното време кое го живеам. Можам да откријам дека наскоро ќе има работилници, а ќе се отвори повик и за едукации на убави теми и секако започнувам со работа во мета констелации.
8.Која е твојата порака до читателите на zenanazena.com?
Мојата порака е да верувате во себе и во силата што ја носите внатре, дури и кога целиот свет ви се чини против вас. Најголемата поддршка покрај моето семејство ја добив од луѓе кои со своето срце и човечност оставија трага Игор Џамбазов, Мирослав Пендароски, Златко Жоглев и уште неколку искрени пријатели. Нивната рака ми беше светлина во моменти кога патот изгледаше темен.Секако, имаше и луѓе кои се појавија па исчезнаа, како и оние кои сакаа да рушат наместо да градат. Љубомората и зависта се, за жал, болеста на денешницата. Но, токму тие искуства ме научија дека само вистинските остануваат, и дека љубовта и чистата намера секогаш победуваат.
На сите вас би ви порачала: Чувајте ја својата автентичност, љубете без страв и борете се за вашите соништа бидејќи никој друг нема да го изоди вашиот пат наместо вас.
Забелешка: Интервјуто претставува лично сведоштво на мајката и не заменува медицински совет. Доколку имате сомнеж во слична состојба кај вашето дете, обратете се кај стручно лице. Фотографиите се преземени со согласност од јавниот Facebook профил на Амела Мемиш Апостоловска, со цел подигање на свеста за аутизмот и прифаќањето на различностите.