Софија Петковска е дипломиран педагог, поетеса и писателка, како и мајка на трииполгодишниот син Јосиф. За себе вели дека е креативна, упорна и доследна во остварувањето на своите цели и желби, која ја сака природата, го цени душевниот мир, обожава да чита книги и да пишува. Во интервју за „Жена на жена“, таа ми откри колку време се занимава со пишување на поезија и друго книжевни дела.

„Кога станува збор општо за пишувањето како активност, мислам дека тоа го правам целиот мој живот откако знам да пишувам. Во училиште бев најдобра во пишувањето есеи и песни, подоцна на факултет, највеќе уживав во пишувањето семинарски работи, а на поезијата активно ѝ посветив внимание во 2017 година. Тоа беше мојата година на препород и отварање нови врати во мојот живот. Еден нов свет, свет на вистински емоции, многу нежности и пред сѐ многу љубов. И од тогаш, па сѐ до сега, творам поезија, официјално ги споделувам моите стихови со јавноста и од тогаш постои мојата официјална фејсбук страница „Поезија на Софија“, каде активно се дружиме со љубителите на убавиот пишан збор, страница која моментално има над 1000 следбеници, што за мене лично е голем успех“, вели Софија.

Со Софија се знаеме веќе подолго време, а своите пријателски односи ги зацрстивме со досегашните три хуманитарни антологии кои лично таа ги организираше, каде сите парични средства од продадените книги заминуваат во рацете на оние кои им е најпотребно, најчесто за деца од социјално загрозени семејства. Таа вели дека спонтано дошла до идејата да започне еден ваков проект. Иако имала желба и јака душевна потреба да помогне некому, сепак и биле потребни и други автори кои ќе застанат рамо до рамо со неа и ќе ѝ дадат максимална поддршка.

„Својата замисла им ја соопштив на моите тогашни 37 автори, кои мене ми се особено драги. Ги прашав дали би се согласиле сами да го финансираме печатењето на книгата, со тоа што јас ќе бидам одговорна за техничката обработка на книгата, а по печатењето сите парични средства од продажбата на книгите да одат за хумани цели. Идејата беше веднаш прифатена, која веднаш ја нареков „ТВОРИ-ЧИТАЈ-БИДИ ХУМАН“, мото под кое се води секој мој проект со книга и така од печат излезе првата хуманитарна книга со наслов „Снежни стихови“. Сите парични средства од продажбата беа пренаменети за потребите на децата од Дневниот центар за деца на улица од Скопје“, раскажува Софи.

По неа, од печат излезе и „Шепотот на љубовта”, каде учествуваа 60 автори, а парите беа пренаменети за самохрани родители од социјално загрозени семејства, корисници на Здружението „Љубезност„ во Скопје. А неодамна излезе и третата хуманитарна книга ,, Песочен часовник”, која брои 30 автори. Парите од продажбата се планирани за потребите на децата од дневниот едукативен центар ,,Сумнал” од Скопје.

Софи вели дека критериумите за учество се различна со секоја книга, па така, за последнава книга учесниците мораа да имаат над 18 години, бидејќи темата била покомплексна за разлика кај претходните две.

„Најважно ми е авторите да испратат творба која соодветствува на дадената тема, а сѐ останато се нешта кои постојат трпат измени.На авторите им беа дадени и три наслови како насоки за полесно пишување“, вели таа.

А кога сме кај прашањето за авторите, неминовно беше да ја прашам како избира кои ќе бидат следните корисници на хуманитарната помош.

Таа вели дека одбира организации кои работат со деца или возрасни каде таргет групи им се социјално загрозени семејства, пред сѐ самохрани родители и деца, кои секогаш позитивно реагираат кога ќе слушнат дека ќе соработува со нив и додава дека за најголема радост се нивната благодарност и среќа.

Таа додава дека е презадоволна од досегашниот одзив на авторите и дека веќе има неколку идеи на кои би сакала да им се посвети во иднина, но вели дека засега е премногу рано да зборува за било што бидејќи секогаш се води според максимата: ,,бавно и сигурно до целта и сѐ во свое време”.

За крај, Софија испрати силна порака до читателите на „Жена на жена“:  „Верувајте во себе и не се плашете да побарате совет или помош, оти како велат: барај и ќе ти се даде. Читајте поезија секогаш. Апелирам најмногу на тоа, поезијата е живот, станува збор за емоции во движење, каде директно се поврзувате со авторот, неговата душа, но и самите продирате длабоко во себе, во оној дел од себе, центарот од каде извира љубовта. Поезијата е многу повеќе од само обични зборови испишани на хартија. Затоа, читајте поезија секогаш кога имате можност за тоа, сакајте се, ширете позитивна енергија и љубов и бидете хумани секогаш кога можете“.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.