Во неделата бев на Петочко водиче (Беловиште) со мајка ми. Намерно појдов оти сакав да се надминам себеси и успеав. Онаму каде што го доживеав првиот паничен напад, овој пат немав никаков. А добив од една повисока скала. Сега ја погледнав и ми беше смешна, дури најдов и начин како да ја заобиколам. Мислите не ме одминаа, да не ми се појави змија, да не се лизнам, да не паднам… Но, решив да не им придавам значење. Решив да продолжам сигурно до целта и успеав.

Ја објавив фотографијата со мајка ми. Точно. Со неа бев и кога имав паничен напад, а и сега. Таа ми помогна на патувањата да го совладам стравот и успеав. Да потенцирам дека со Емил е поинаку, со него речиси никогаш не се соочувам со панични напади оти обајцата различно реагираат на мојата состојба. А и Емил ме научи дека имам анксиозност, па од кога сме заедно трае и мојата активна борба со неа. Со мајка ми, се чувствувам како да ми е вродена.

И мајка ми учи да биде уште подобар психолог со мене преку мојата состојба. Па од патување до патување, ми се чини дека станувам се’ подобра.

Ми пишаа неколку души околу паничните напади, веројатно во надеж да им го откријам лекот… Па вака, лек конкретен нема. Се имате вие и вашето внатрешно јас. Вие сте си себиси единствен пријател (доколку имате вистински пријатели околу себе, сте во уште поголема добивка, секако), а секој ирационален страв е ваш непријател. Толку.

Кога одите со помислата „што ако“, тогаш и мислите ќе започнат да се множат. А вие толку ќе се оддалечите од реалноста, што дури и најреалните работи нема да допираат за вас. Оставете го тоа настрана и уживајте во моментот. Бидете свесни и присутни сега и овде, а не потоа и онаму некаде. Јас бев свесна дека „препреката“ морам да ја поминам за да стигнам до целта, на било кој начин. Сега сфаќам колку била апсурдна оти постоеле начини да ја заобиколам, ете до толку.

Следната цел ми се Дуфските водопади кои не ги почувствував од стравот дека ќе се лизнам. Следниот пат ќе понесам црни пантолони или тренерки, па и ако паднам, ќе се пресоблечам. Но решена сум да се симнам и да ја освојам целта. Таму го доживеав најсилниот паничен напад и сум сигурна во себе дека ќе успеам. И само така верувам дека ќе го победам.

Не смееме да се колебаме во себе и своите желби, не смееме да тагуваме. Не смееме да се чувствуваме неисполнети само затоа што во главата ни одзвонуваат милион ирационални стравови.

Слика од минатиот пат

Искрено не помнам кога сум имала страшен паничен напад, можеби сум имала поситни, но сепак далеку од оние со гушење, повраќање, стегање, препотување. Не сакам ни да ги имам, ни да ги мислам. И статијава ја пишувам само за да ви дадам надеж дека можете и само со верба во себе ќе успеете.

Си дадов ветување оти на крајот од секоја статија ќе стои препорака за посета на психолог. Доколку се плашите дека страдате од анксиозно растројство (нарушување), задолжително одете на сеанса. Тој ќе ви помогне да го изнајдете тригерот односно коренот на проблемот од каде што потекнува анксиозноста. Така најлесно ќе дојдете до решението. Разговарајте со најблиските, најдете некој кому му верувате, отворете се. Колку повеќе таите во себе, толку полошо си правите.

Луѓето околу нас не се свесни за нашите чувства, па затоа е непоходно да комуницираме. Не плашете се. Секој чекор кон прифаќањето на оваа состојба ве води и кон нејзината победа. И само верба дека ќе успеете во неа.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.