*текстот е преведен и преземен од lepaisrecna.mondo.rs
Контролните прегледи и развиената дијагностика денес многу помогнаа во превенцијата и лекувањето на малигнитет на дојката, но кога ќе се појави болеста најчесто е неопходна психолошка помош. На оваа тема, го пренесувам разговорот на „Убава и среќна“ со психотерапевтот и психолог Сандра Бјелац од Институтот за онкологија на Србија.
Сè започнува со учење за болеста.
Како жените обично реагираат кога ќе дознаат дека имаат рак на дојка?
„Зборот борба, кој толку често се користи, подразбира губитник или победник. Би сакала да го избегнам тој збор бидејќи моето долгогодишно искуство во работата со луѓе кои живеат со малигно заболување покажува дека ракот подразбира интегрирање на еден нов систем во начинот на живот, како и промена на животниот стил кој бил доминантен дотогаш. Денес малигната болест може да се третира како хронична болест со која може да се живее долго време. И тоа не е трка на сто метри. Тоа е маратон“, вели Бјелац.
Таа додава дека кога нашето тело станува ранливо и кревко, тоа не потсеќа дека сме смртни и минливи, по што настанува состојба на очај, неорганизираност и страв.
„Целиот систем што дотогаш ни е познат престанува да биде функционален и се појавува вакуум во кој се чувствуваме изгубени, исплашени, нефункционални. Во зависност од структурата на личноста, нашите верувања за себе, светот, болеста, социјалната поддршка што ја имаме, економската стабилност во која се наоѓаме, нашите реакции се одвиваат како одраз на нашата внатрешна слика. Затоа одговорот на ова прашање не може да се генерализира, но стравот е универзално чувство кое го придружува секој што се соочува со малигно заболување. Живееме со потребата да го потиснеме или минимизираме стравот од смртта, а справувањето со малигната болест значи дека се справуваме со нашата минливост и смрт. Ова не може да се случи без голема доза на страв“, вели таа.
Дали поминуваат низ одредени психолошки фази, како што е негирањето?
„Првата реакција е обично шок. Сега, поради превентивните прегледи, луѓето често ја откриваат болеста во раните фази, а всушност немаат никакви симптоми. Кај луѓето кои имаат некои заболувања или долго време ги игнорираат предупредувачките симптоми, фазата на шок е нешто поблага. Тогаш имаме различни форми на однесување од оние кои бараат други мислења до оние кои се откажуваат од одењето на лекар. Тоа треба да го разбереме. Нашиот систем на верување е различен и тешко е да се прилагодиме на ваква страшна вест.
Некои луѓе не веруваат во дијагнозата, се сомневаат во системот и лекарите. Проверуваат, негираат. Веруваат дека постои некаква грешка. И тоа е во ред се додека не се откажат од официјалниот третман. Во последно време ретки се оние кои негираат дека се болни, веројатно поради големата достапност на информации, но за жал сè уште има и такви кои одбиваат конвенционални форми на лекување и се свртуваат кон алтернативни форми, а кога болеста ќе напредне и ќе се јават во здравствените установи, болеста толку многу е напредната што повеќе нема можност за лекување, туку само нега и лекување на симптомите на болеста.
Негирањето како одбранбен механизам има своја цел во првите фази на болеста, да го заштити човекот од страшно знаење. Меѓутоа, доколку одбранбениот систем остане доминантен, може сериозно да го загрози не само здравјето на пациентот, туку и неговиот живот. По фазата на шок, обично доаѓа фаза на емоционални реакции. И тука сме во неволја. Ние како народ сме доста емотивно необразовани. Тоа нема врска со степенот на образование, туку е исклучиво поврзано со моделите на однесување кои сме ги усвоиле и кои ни се блиски. Повторно сакам да истакнам дека и овде ситуацијата е многу променета. Менталното здравје и емоционалната писменост се сè помалку стигматизирани, а луѓето, особено помладите, сè се повеќе и повеќе емоционално свесни.
Научени сме дека покажувањето емоции е знак на слабост и луѓето често се плашат да ги покажат и вербализираат своите емоции. А околината често се плаши од емоциите на болниот. „Не плачи!” „Мораш да бидеш силен за доброто на децата/сопругот/родителите“ се пораки кои не помагаат. Пациентот потоа се повлекува во себе, плашејќи се дека околината ќе го „отфрли“ ако биде „слаб“ или ја оптоварува околината“, вели Бијелац.
Таа додава дека во овој особено тежок период, сè се менува, а нивото на непријатни емоции е многу високо. Па затоа е важно човекот да стане свесен за своите емоционални капацитети и да побара помош од психо-онколог кој ќе направи проценка на силните страни на пациентот и членовите на семејството и, доколку е потребно, ќе го упати на дополнителни системи за поддршка. Во овие фази, често е неопходно да се вклучи психијатар за фармакотерапија доколку се препознаат симптоми на депресија, анксиозност, нарушувања во однесувањето итн. Тогаш е добро да се вклучи психотерапевт кој ќе им помогне на семејството и на пациентот да го поминат овој период на адаптација на промените кои болеста и лекувањето неминовно ги носат со себе. Третата фаза е фазата на интеграција.
Во оваа фаза личноста ги интегрира своите недостатоци поради болест и лекување, неговите ограничувања во својот животен стил. Всушност тоа е фаза на најголемите промени.
„Некои планови мора да се отфрлат засекогаш, некои да се одложат, а некои да продолжат да се спроведуваат. Важно е да се има добра проценка, организација и највисок можен степен на правилна проценка на реалноста. Оваа фаза е и емотивно многу напорна и затоа мој совет е секогаш да ја поминувате со психо-онколог“, додава Блејац.
Каква психолошка помош се препорачува за болните жени?
„Нема да им треба иста помош на сите жени. Заедничко за сите нив е добрата едукација. Информациите за болеста, формите на лекување, несаканите ефекти, очекуваните реакции се многу корисни. Ова ги подготвува за непријатните ситуации кои ги очекуваат за време на дијагнозата и третманот. Психоедукацијата за емоционалните реакции и формите на надминување и справување е многу корисна“, вели Блејац.
Таа додава дека посетата на групи за поддршка е исто важна колку и стручната поддршка од психоонколог. Но исто така, семејното советување и терапија го зајакнуваат системот за поддршка на пациентот.
„Денес знаеме дека без лекување на целата личност, не треба само да ја третираме болеста. Треба да искористат се што им е достапно. Емоционалната писменост и психотерапијата сè уште се недостапни за секого, поради материјалните недостатоци, како и поради недостигот на кадри кои се занимаваат со оваа област. Но, секако, кој и да е достапен треба да се грижи за своето ментално здравје, но и за своето физичко здравје“, вели Бјелац.
Колку е важно жената да остане психички стабилна во овие моменти?
„Ова е една од најважните компоненти на третманот. Теоријата на стресот игра важна улога во теоретските објаснувања за појавата на малигните заболувања. Експертите толкуваат дека под влијание на стрес се ослабува одбраната на телото. Одредени студии сугерираат дека психолошкиот стрес е директно поврзан со имунолошкиот одговор (намалување на бројот на рецептори) и дека тоа е поврзано со послабо обновување на ДНК што е оштетено во оваа прилика, и на крајот резултира со малигна промена и апоптоза на клетките.
Индиректен доказ за оваа хипотеза може да се види во биолошките ефекти кои се резултат на психолошките интервенции кои водат до откажување од пушење, намалување на консумирањето алкохол, регулирање на сонот, подобра исхрана, соодветна физичка активност и соработка со медицинскиот тим. Бројни студии укажуваат дека е можно да се влијае врз имунолошкиот одговор со делување на бихејвиорални и психолошки фактори, што директно влијае врз растот и развојот на одредени тумори. Затоа, емоционалната стабилност и намалувањето на стресот директно влијае врз имунолошкиот систем, а со тоа и врз квалитетот на животот на лицето кое е подложено на третман, како и на неговиот одговор на третманот“.
Природно е стравот, беспомошноста и депресијата да се појават за време на лекувањето.
„Мојот прв контакт со луѓе кои бараат психо-онколошка помош се јавува по воспоставување на дијагнозата. Секој третман е индивидуален. Не секој човек има исти потреби и цели. Не е исто ако ракот на дојката се дијагностицира како дијагноза кај лице кое не станало мајка и кај жена која го завршила репродуктивниот циклус. Затоа нивниот третман има различни цели и динамика. Сепак, стравот од смртта е заеднички за сите. Кога велам страв од смрт, не мислам само на исчезнувањето како индивидуа. Мислам и на стравот од болка, одвојување, зависност од другите, губење на достоинството итн. Тој е едноставно, заеднички за сите.
Некои луѓе се верници, па спознанието за Бог и разговорите со светите личности им носат мир и утеха. Други се обземени од можноста да исчезнат и имаат тешки психијатриски симптоми кои бараат психијатриски третман. Одреден број луѓе се фокусирани на решавањето проблеми, а некои се парализирани во секојдневните активности од интензивните емоционални реакции. За некои сум поддржувач, за други придружник, а другите ги упатувам на психијатар.
Сè зависи од целокупната перцепција на поединецот, неговите потреби и капацитети. Имаме тенденција да припишеме одредени симптоми на болеста и третманот, и да не сметаме дека се значајни за психијатриско лекување. Тоа е голема грешка. Често, луѓето се спротивставуваат на одењето на психијатар, мислејќи дека ќе бидат прогласени за „луди“. Затоа често доаѓаме во ситуација кога осум до десет месеци по завршувањето на онколошкиот третман имаме нефункционални луѓе кои се несоодветно емоционално третирани и чии сериозни психијатриски симптоми не се препознаваат, што подоцна значително го нарушува квалитетот на живот на таа личност.
Луѓето кои добиваат соодветен и навремен психо-онколошки третман имаат помалку проблеми во текот на лекувањето, се поотворени за соработка, поискрени се и имаат поквалитетен живот за време на болеста и лекувањето и после тоа“, одговорно тврди Бјелац.
Што, според вас, е пресудно за успешно заздравување?
„Здрав пристап кон болеста. Нè учат како да му пристапиме на животот на здрав начин, но никој не нè учи како да пристапиме кон болеста и смртта, кои се составен дел од животот. Како што старееме, природно е да имаме одредени тешкотии. Сите ние неизбежно старееме и сме ограничени. Исто колку што биле ограничени и кога сме се родиле.
Тешко е кога зборуваме за млади луѓе или деца во терминална фаза на болеста. Во повеќето случаи, станува збор за луѓе кои имале одреден начин на живот кој сега треба да го модифицираат. Но, тоа е природен процес на стареењето. Некои функции ни се ограничени и треба да го прифатиме тоа како реалност и да се бориме да не останеме на исто ниво. Болеста, од секаков вид, нè ограничува, нè учи да се промениме и да ја прифатиме реалноста. Тоа е секогаш болен процес“, вели Бјелац.
Што препорачувате за да го спречите и заштитите менталното здравје?
„Секогаш психотерапија. Таа го подобрува квалитетот на животот. Нè учи да ги препознаеме нашите недостатоци и да ги надминеме. Јас сум за враќање на традиционалните вредности. Семејството е исклучително важно. Жал ми е кога ќе слушам дека се исмејувани и запоставени. Знаете, еднаш одамна луѓето се разболуваа и умираа во своите домови, во своите кревети, опкружени со своите најблиски.
Денеска ги поминуваат своите најтешки и често последни моменти опкружени со непознати луѓе, лекари и медицински сестри, во болниците на апарати. Мислам дека луѓето порано беа ментално поздрави. Семејството е извор и на пријатност и на непријатност, но секогаш обезбедува постојаност.
Друга работа е емоционалната писменост. Стравот од емоции, пријатни или непријатни, не е добар. Запознавање и прифаќање себе си со сите ваши маани и доблести, правилно проценување што е променливо, а што не и постапување соодветно“.
Врз основа на искуството од минатото, како реагираат успешно излекуваните жени, дали има промени во нивното сфаќање за животот? Дали се согласувате дека и во текот на оваа онколошка болест може да се роди нешто добро, жената да ги промени лошите животни навики?
„Од моето работно искуство, жените кои беа излекувани – сериозно си го земаа животот во свои раце. И истражувањата и праксата покажаа дека најчесто се разболуваат жените кои преземаат повеќе одговорности и задачи на своите плеќи отколку што можат да поднесат и оние кои не се во хармонија со своите емоции или не ги препознаваат или игнорираат. Кога ќе се појави некоја болест, многу поважно е да си го поставите прашањето „зошто се случи и како да го сменам“ отколку „кој е виновен“?
Во секоја ситуација имаме одговорност и контрола. Некои факти не можеме да ги промениме. Не можеме да влијаеме врз некои околности, но секако можеме да влијаеме врз некои реакции и однесувања. Важно е да не трошиме енергија на непроменливи настани и да инвестираме во ситуации кои зависат од нас. Жените кои го разбраа ова, направија големи промени во нивните животи. Ова може да значи промени на сите нивоа. Промена на партнер, работа или земја, но тоа ѝ дава задоволство на жената. Важно е „Морам“ да се замени со „Сакам“ и сè да изгледа поинаку.
Колку е свеста на жените за превенција од рак на дојка, превентивни прегледи, самопреглед…?
„Многу повеќе од порано. Силните медиумски кампањи, достапноста на информации, свесноста за себе и нашите тела, емоционалната писменост, нè поттикнуваат да се грижиме за себе многу повеќе од порано. Достапноста на лекарите и дијагностичките процедури исто така. Од перспектива на психо-онколог и психотерапевт, верувам дека самосвеста и самољубието се клучни за поголема грижа за себе. Кога сакате некого, се грижите за него. Не сакајте ги другите повеќе од себе, дури и ако тие се ваши деца. Ако ве изгубат, повеќе ќе ги повредите отколку ако нешто им негирате затоа што си отишле на психотерапија или на превентивен преглед. Сакајте се себеси затоа што така најмногу ги сакате ближните“, заклучува психологот Бјелац.
Насловна фотографија: Leeloo/pexels.com