Често пати потпаѓаме под влијание на разни негативни мисли, кои неретко стануваат хронични, како да пропаѓаме во нивната пајакова мрежа. Но доброто е што доколку сме доволно самосвесни, можеме да ги спречиме и надмудриме. Но, како? Едноставно е. За вас одвоив неколку важни чекори во справувањето со негативноста и мислите кои поаѓаат од неа.

1. Станете кројач на сопствените мисли

Замислете дека имате магични ножици и само штом се појави мислата, вие веднаш ја пресекувате. По што ја моделирате по свој вкус.

Кога и да ви дојде некоја мисла за иднината, некоја стега за грешките од минатото и паника за сегашноста, само кратете. Не им дозволувајте на мислите да ве преовладат. Дишете длабоко и продолжете понатаму. Негативната мисла заменете ја со позитивна.

На пример: вие сте на испит. Првата помисла е дека ќе го паднете испитот и со тоа ќе се разочарате себеси и домашните. Застанете овде. Помислете на трудот што сте го посветиле, но не си создавајте притисок самите на себе. Ветете си дека ќе дадете сѐ од себе, но дека не е ни крај на светот доколку не положите. Секогаш ќе имате нова шанса да се покажете во уште подобро светло од претходното. На тој начин ем ќе бидете подготвени на неуспех, а ем нема да си заминете дома со тежина в градите.

2. Престанете постојано да мислите на иднината

Како вашите мисли можат да влијаат врз иднината? Никако. Колку што секојдневната помисла дека ќе стане милијардер (оптимистички, позитивни мисли) за одреден период, толку релативна е помислата дека вашиот живот ќе се претвори во движечко фијаско. Некои работи ниту можеме да ги предвидиме, ниту можеме мисловно да влијаеме врз нив.

Класичен пример за тоа е коронавирусот. Пред година дена и повеќе, никој не ни помисли дека ќе настане олкаво лудило и хаос. Дали помислата дека ќе има нова ваква пандемија ќе влијае врз иднината? Не. Бидејќи не знаеме ниту кога ќе биде, ниту како ќе се резултира.

3. Мантрајте „Не е крај на светот иако се случи тоа и тоа…“

Сѐ додека сте здрави и живи, нема зошто да се грижите. Постојат многу страшни работи, и повторно велам истите не можат да се предвидат, како земјторесите во Хрватска од неодамна. Луѓето поминаа низ корона (како и сите нас), се справија со страшни земјотреси и ене ги повторно на нозе. Се трудат да се рестартираат и да отпочнат сѐ одново.

Затоа опуштете се, крајот на светот e крајот на вашиот живот. Обидете се да се фокусирате на сегашните моменти, на она што сега го гледате и доживувавате, на она што го чувствувате, на она што можете да го допрете.

4. Немојте да си говорите: „Требаше ова, не требаше она… јас сум си сам/а крив/а“

Зошто со вакви ставови и помисли? Човек се учи од сопствените грешки, вие трудете се никогаш повеќе да не ги повторите. За сѐ друго, простете си себеси. Не вреди товарот за вашето кревко ментално здравје. Чувајте си ги нервите, ќе ви требаат до крајот на животот.

5. Заблагодарете му се на животот

Преживеавте во 2020? Имате кров над глава? Имате храна во фрижидерот? Имате топла облека во зима? Вашите најблиски се здрави и живи? Заблагодарете му се на животот. Уживајте во најмалите нешта, кои всушност, се најголеми. Ниту една негатива може да го победи среќното семејство и здравиот живот.

6. Престанете да се споредувате со другите

Немојте. Не знаете тие со што се справуваат/справувале. Не знаете низ каква мака поминале, ниту со какви мисли се соочувале. Или сѐ уште се соочуваат. Терајте со вашиот живот најдобро што можете.

Доколку погледнете супер-мајка која е подвижен робот и успева ама баш сѐ да направи, не се разочарувајте зошто не сте како неа или да ја „озборувате“. Секоја мајка е херој на свој начин. И вие сте супер-мајка во очите на некој друг. Но не бидете за другите, туку за самите себе и за вашите деца.

Дури би можеле да ѝ се воодушевувате, наместо да ѝ завидувате. Земете ја како позитивен пример, но не се обидувајте да ја ископирате, бидејќи ќе се изгубите себеси трудејќи се да бидете некој друг.

7. Прифатете се себеси и засакајте се

Да не се лажеме, но веќе во периодот на адолесенција изглегувате како возрасни и зрели луѓе со оформен карактер. Можни се промени, но потешко се достижни. Затоа прифатете се себеси. Можеби сте тврдоглави и будалести, но тоа сте вие. Имате право да бидете, бидејќи веројатно самиот живот ве искалил такви. Дури и најразмазените луѓе во најтешките моменти од животот се зацрврстуваат. Животот нема милост. Но вие имајте милост кон себе.

Единствено што можете е да го промените начинот на живот и да го пронасочите во вистинската насока. Престанете да пушите. Ќе почувствувате благодат. Почнете со вежбање, долго пешачете, хранете се здраво…

Не можете да го смените минатото, но со своите правилни одлуки во сегашноста можете да ја промените иднината. Почнете уште од денес. 😊

photos: Pixaby

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.