Анксиозност е кога се плашиш, а не знаеш од што.

Анксиозност е кога се плашиш од неуспех, од туѓите погледи, од сопствените зборови.

Анксиозност се кога будно сонуваш, но се плашиш своите соништа да ги споделиш.

Анксиозност е кога се сметаш за недостоен да имаш некаква моќ, дека толку „мала и ситна“ личност не заслужува да биде толку високо.

Анксиозност е кога одговорот за својата самодоверба го бараш во другите, вечно барајќи одобрение од другите.

Анксиозност е кога или молчиш или постојано зборуваш без престан, за да изгледаш „нормален“ помеѓу сиот свет.

Анксиозност е кога велиш дека имаш анксиозност без никој да забележи.

Анксиозност е да имаш грижа на совет и за мравката што случајно ја згази.

Анксиозност е кога сакаш да ги изгушкаш сите одеднаш, да не се налути некој зошто не си го гушнал прв.

Анксиозност е кога внимателно ги бираш зборовите за да не навредиш некого, дури и во најжолчната кавга.

Анксиозност е кога се повлекуваш во себеси и тонеш во сопствената „бара“.

Анксиозност е кога дланките ти се потат и гласот ти трепери, а ти си немоќен ни гушењето да го прекинеш.

Анксиозност е кога лебиш и се давиш во исто време, како да си ни на небо ни на земја. Како да се губиш во просторот и времето.

Анксиозност е кога имаш кнедла во грло, а ни сам не знаеш зошто.

Анксиозност е кога го чекаш Годо. Чекаш да се случи нешто лошо, а ни ти самиот не знаеш што.

Анксиозност е кога мислиш дека имаш чудесна моќ да предвидуваш нешта. Кога мислиш дека си баба Ванѓа и Ностардамус одеднаш.

Анксиозност е кога си уморен, ама продолжуваш да се бориш.

Анксиозност е кога „умираш“, а сепак мирно стоиш.

Анксиозност е кога желудинот е полн со тежина, а сепак е празен.

Анксиозност е кога ти се повраќа, а не си ни гладен.

Анксиозност е кога врз градите имаш надвиснато плоча. Те гуши и стиска, не попушта.

Анксиозност е кога врескаш во себе, а не пушташ ни глас.

Анксиозност е кога плачеш во себе, без солза од око да капне.

Анксизност е кога ги кажуваш сите мантри на светот, кога го знаеш секој смирувачки метод.

Анксиозност е кога дишиш длабоко и пробуваш да одлуташ со мислите некаде далеку, но сепак, нешто те кочи и те држи цврсто.

Анксиозност е кога имаш две верзии од себе, кога стои помеѓу тебе и слободата. Кога те врзува за себе и не ти дава да избегаш кај вистинската „ти“.

Анксиозност е кога не се препознаваш себеси.

Анксиозност е кога молчиш, а сакаш се’ околу тебе да изгориш со зборови.

Анксиозност е кога мислиш дека си драма квин, и дека луѓето најмногу те сакаат кога си фин.

Анксиозност е кога не споделуваш ништо, туку таиш во себе, бидејќи мислиш дека светот има поголеми проблеми од тебе.

Анксиозност е. Состојба е. Начин на живот е. Како сакате наречете ја. Таа постои, таа е овде, таа е тука и додека пишувам и додека заспивам. Таа беше тука и на мојата венчавка, ме држеше цврство за рамењата додека ми се тресеше дланката. Таа е тука, не ме напушта. Таа е мојата сопатничка. Само некогаш навистина успевам да ѝ се спротиставам, да ѝ влепам шамар и да се освестам. И утре пак ќе дојде. И пак ќе ја победам со мислите. Ќе поминам низ повеќе чекори, ќе речам „доста е“. Таа нема да сфати, па ќе се вртиме во круг. Таа ме „удира“ на еден начин, јас неа на друг.

Нашата врска е токсична. Јас сум онаа која сака да излезе од врската, а таа е онаа која упорно прави се’ да останам во неа. И ја прифатив. Ја прифатив како таква, но научив да и се спротиставам. Научив да ѝ кажам НЕ.

Не, не сум себична ако одвојам време за себе. Не сум лоша ако сум имала лош ден и расположение. Не сум камен, ниту карпа да не заплачам, и јас имам чувства. Но тоа не ме прави ниту слабак.

Таа вика „не прашувај, ќути“. Јас велам не, ти да ќутиш.

Таа ме спушта доле, јас се кревам нагоре.

Таа вели стој, ја велам во бој.

Но таа ме сопира и кога навистина треба. Ме тера да бројам до 100. Ми ја стиска дланката да не направам глупост. Ме соочува со последиците уште пред да ги почувствувам. Ме тера да се јавам на најблиските и неколку пати во денот. Ме учи да бидам трпелива. Ме учи да не бидам до толку инаетлива. Бидејќи некогаш инаетот ми се одбива од глава.

Анксиозност е. Не е идеална, но ја прифаќам. Бидејќи знам дека сум посилна од неа.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.