Пред пет и пол години си замина со неверојатна леснотија, барем за тебе, за нас беше поинаква приказна. За нас е сè уште неподнослив пекол кој не бира средства да нè уништи, воопшто не бира.

Знаеш, има две вистини кои ги научив откако си замина. Првата е дека времето помага во залекувањето на раните, а втората е дека пишувањето е главен сојзник во истото.

Ме спаси писанието, ме спасија тајните муабети, солзите низ редовите на текстовите кои ги пишував за тебе. Ме спасија тивките проколнувања, тивките копнежи и внатрешните гласни крици и лелеци.

Пет и пол години ти пишував, ќе ти пишувам повторно. Но, те оставам овој пат мирно да пловиш во вечноста.

Ќе ме прашаш зошто? Нели? Сигурна сум во тоа. Ќе ме прашаш зошто сега, зошто после толку време? А јас ќе ти одговорам дека времето е релативна работа. Болката по тебе ми се чини столетна, а сеќавањето на тебе свежо. Ти се потспомнувам постојано и сега еве ми доаѓа да заплачам.

Те оставам и за првпат со блага насмевка ти пишувам. Од нашата последна средба, онаа онаму, многу работи се сменија. Тогаш се свестив дека те изгубив, некако како да бев во благо бунило, па очекував да ме пречекаш во онаа твоја мешаница од град, која ти никогаш не ја сакаше, а јас ја обожавам.

Денес сум повеќе од свесна за твоето отсуство, но хеј, ти живееш. Можеби не ме пречека физички, но ме прегрна мисловно. Заминав и успеав да ги сопрам солзите. Повеќе гледав во жешкиот бетон, отколку фигуративно во тебе, но успеав. Ја изгушкав онаа уште пожешка плоча која ме стопли. Но не телесно, туку душевно.

Ти ја осетив душата, иако ти физички не беше таму. Посетата беше како да одиш на стоматолог од каде очекуваш да се вратиш здрвена со анестезија, а ти успеваш храбро да се избориш со болката.

Не, не те преболев. Ја понесов болката, впрочем, ја носам секогаш. И вчера, и денес, и утре. Кој би можел тебе да те преболи? Апсолутно никој. Затоа говорат и тајните гестови. И ден-денес имаш тајни обожаватели. Некој ти посадил ружа. Веројатно многу те сака. Никој не знае од кого е. Веројатно и сега венее по тебе.

Ти беше и остана посебна, и нè напушти на посебен начин. Затоа те оставам. Се слушаме повторно, можеби за половина година, најверојатно, можеби порано ако имам нешто убаво да ти споделам…

А сега мирно плови моја Офи, плови во небесата, танцувај и пеј, кикоти се на сиот глас… и понекогаш сети се на мене.

Photos: pixabay

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.