Една другарка ме праша
какво е тоа чувство
кога ќе убива тој кој го сакаш?

Тоа е она чувство и реков
кое го тлееш во градите,
го распламтуваш до усвитување.

Пеперутки во стомакот,
силни срцебиења,
уживаш и наеднаш умираш.

Умираш од куршумот испукан од пиштолот
на оној чие лице го љубиш,
чии очи ги бакнуваш,
чиј воздив го дишеш.

Тоа ти е она чувство кое некогаш
го нарекуваш љубов,
а ти останува само пепел на усните.

Се рониш,
распаѓаш,
посакуваш спас и бегаш од самиот себе,
а знаеш дека од себе неможеш да избегаш.

Знаеш дека и да посегнеш по себе
тоа не е чекорот кој ќе ти го олесни постоењето.

И се навикнуваш.
И се преживуваш,
и се преџвакуваш
по илјада пати дневно низ мислите…

Тутканици.
Чувства.

Тело,
згужвано во обид за реинкарнација.

Заробена во канџите времето
и просторот слобода,

Со едно скршено крило се обидуваш да полеташ
ама имаш само неуспешни обиди за полет.

Робуваш на љубовта
зашто знаеш што даваш,
што можеш,
колку можеш да поднесеш…

Се носиш гордо и со себе и со него,
и со сите без да потклекнеш,
без да се пожалиш,
зашто ништо не гледаш…

Не приметуваш како при секое заминување тој го вади ножот
и полека кукавички
ти се приближува од зад грб…

Те повредува.
Ти резба длабоко по душата,
ти резба длабоко по срцето,

Ти дише низ порите колку да преживее,
ти се провлекува низ кожата како крлеж глумејќи ти среќа…

И можеби во еден миг навистина чувствува среќа, чувствува љубов…
Кон себе.

Зашто не знае да се носи со тебе,
зашто еднаш те подига,
друг пат те гази.

А ти молчиш.
Ни глас ни крик од болка.

Тишина.

И така живееш за другиот,
ти го цица животот од усните,

Ти го наплаќа секој бакнеж.

Копаш по себе си да најдеш објаснувања
за сите обидувања кои бледнеат во воздухот…

Обидувања во обид,
„можев да ти бидам се`, можеше да ми бидеш љубов“ и повторно настапува неприфаќање.

И животот со причина ти ја лупа вратата,
а ти си заминуваш со ножот зариен од зади,неможеш да го извадиш зашто душата во него ти е заробена…

И крвариш од љубов.

Крв.
Насекаде крв.

Растечена по тебе,
во грч од болка се вртиш последен пат.

И чувствуваш како
умираш од куршумот
испукан од зад грб,
на оној чие лице го љубиш,
чии очи ги бакнуваш,
чиј воздив го дишеш.

насловна слика: pinterest.com

Автор: Викторија Стојовска