Тешки и стрмни беа патеките по кои таа трчаше низ животот, а трчаше многу. Животот ѝ беше угорници и удолници, стрмни патеки и тежок воздух од кој многу често се гушеше, но длабоко во себе веруваше дека патот до љубовта не е лесен и знаеше само едно, дека никогаш не смее да се откаже.

Еден мудар човек ѝ кажа дека постои лек за она од што таа боледуваше, но мораше да биди трпелива.

„Трчајќи низ животот, еден ден, случајно… таму каде што не се надеваш, лекот сам ќе се појави и тогаш твојата душа ќе биде подобро, многу подобро верувај ми“, ѝ рече.

„Дај му шанса на секој мудар лудак кој ќе го сретнеш во твојот живот, тој не случајно се појавил на твојот пат, научи па сподели“, ѝ говореше мудрецот.

А таа знаеше дека мора да го послуша, знаеше дека неа лекот и беше повеќе од потребен. Последните години живееше живот без живот, се чувствуваше како издишан балон кој одлетал толку далеку, закачен на највисоката гранка, оставен само да ја разубавува густата шума со својата прекрасна розева боја. А до пред само неколку години беше најубавиот розев балон кој некогаш сте го виделе, беше многу повеќе од само обичен балон полн со хелиум. Колку повеќе љубов имаше во себе, толку повисоко леташе, но и недостасуваше конецот, и недостасуваше раката која ја водеше низ животот, таа иста рака поради која леташе и носеше среќа насекаде околу себе.

Но како викаат, „секое лошо за добро е“ и на крајот од денот, што се за неа уште неколку угорници и удолници, што се за неа тие високи гранки по кои мораше да се искачи за да си го врати она што беше нејзино… да си ја врати љубовта и радоста.

И од тој момент, од таа неочекувана средба со мудриот човек, таа продолжи да чекори низ животот без да трча, научи да живее живот без живот и си вети себеси дека еден ден, за брзо ќе полетаат заедно со розевиот балон, горе високо на небото од каде што сонцето поубаво свети, а вие, ќе ги препознаете по лузната на левата страна од балонот.

Животот со лузни е најубав, и не заборавајте драги мои, за ваков балон поребен е силен конец.

Автор: Дијана Неделковска

насловно фото: Sasha Freemind/Unsplash