Скопјанката Ива Богдановска (16) веќе 10 години е првак во боречката вештина џудо. Таа е предводена од тренерот и селектор на кадетската репрезентација, д-р Игор Паскоски, во конкуренција на 21 натпреварувачки во категоријата до 63кг.
Нејзин последен поголем успех е второ место на Балканско Првенство за кадети во Црна Гора во јуни годинава. Претходно тоа се закити и со сребрен медал и на континентален куп во Тунис, Африка.
На почеток можеби звучи необичен и чуден спорт за женската пополуација, но сепак кога подлабоко ќе се поразмисли, во денешно време навистина е неопходен. Токму тоа ме инспирираше да направам мало интервју со неа, за нејзината љубов кон џудото и колку е важно девојките да се занимаваат со оваа вештина.
На прашањето од каде потекнува љубовта кон џудото, таа вели дека го засакала уште од неполни 7 години. Тогаш тренирала сосема друг спорт и се пријавила да учествува на џудо натпревар , каде што го запознала нејзиниот сегашен тренер д-р Игор Паскоски.
„Неговата професионалност, посветеност и пожртвуваност имаа голем удел во мојата одлука да го одберам џудото за мој спорт“, вели таа.
Признава дека било тешко и до ден-денес ѝ е, но со многу љубов и голема пожртвуваност ништо не е невозможно. Поддршката ја добила само од најблиските дома, додека другите се обидувале да ја предомислат. Сепак, после неколку златни медали на државните првенства почнала да се зголемува и поддршката од пријателите. Нејзината упорност ја довело до последната трета година во возрасната категорија кадети.
Ива учествувала на многу натпревари и има земено над 60 медали досега, моментално е деветкратен државен првак. Има бронзен медал на Балканско Првенство, сребрен медал на континенталниот куп во Африка.
„Можноста да ја претставувам мојата држава за мене е секогаш од голема важност“, искрена е Ива.
Додека, пак, лани добила: Признание од „Џудо Федерација на Македонија“ за најуспешна кадетка.
Потоа Признание за најуспешен млад спортист на годината од здружението на спортови на град Скопје, како и 4 пехари од неколку натпревари за најдобар натпреварувач.
На прашашањето дали овој спорт е опасен, таа вели: „Џудото е спорт кој се вежба со кимоно, без употреба на дополнителни реквизити. Постојат многу можности за повреда, но затоа со тренерот се работи на нашата фокусираност и спремност за да може да се избегнат.
И оттука некако, природно се наметна и моето прашање за нејзиниот став околу практикувањето на џудото во приватниот живот, на што ми одговори дека овие техники ги искористила дури неколку пати, иако немало некој посебен напад.
Кога се зборува за плановите во иднина, Ива како вели дека нејзин следен план е медал на Олимипјадата во 2028 г. А дотогаш следат неколку државни првенства во повеќе возрасни категории на кои планира да настапи, а потоа ќе продолжи со балкански и европски првенства, како и европски купови.
Нејзината порака до сите читатели на „Жена на жена“ е: „Одберете спорт, нема да се покаете!“
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.