*Сите ставови и мислења искажани во колумната не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на сајтот „Жена на жена“. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на авторот.

Како што носи редот – прво да се запознаеме, па после ќе се дружиме.

Јас сум Miss Independent (Г-ѓица Независна), вашата нова пријателка, вашето ново рамо за плачење, новата солза во окото, вашата грешка и поука. Ако сакате да знаете која е мојата возраст, иако е малку неестетски да се прашува жена за години, и тоа ќе ви го откријам… Ги живеам триесеттите, духот ми се бори со дваесеттите, а сум изживеала за над четириесет. Доволно јасно?

Е сега зошто Independent или независна (како што сакате)? Верувам дека голем број од вас ве заинтригира зошто баш Miss Independent. На овој збор и значењето негово, барем
за мене, ќе ја посветиме оваа колумна.

Што значи да си независен? Ајде застани и размисли малку пред да продолжиш да читаш што за тебе значи независноста. Кога стануваш независен? Дали е тоа период од животот кој го започнуваш на одредена годишна возраст? Дали е тоа кога стануваш полнолетен? Кога ќе се омажиш/ожениш? Кога ќе се вработиш? Кога ќе се отселиш од дома? Кога конечно ќе раскинеш со партнерот со кој веќе немаш ништо заедничко? Кога ќе се разведеш и ќе започнеш „нов живот“? Одговорот на сите овие прашања е – НЕ! Тоа се само глупости кои општеството и менталитетот на опкружувањето ни ги наметнува во текот на животот. Независен не се станува никогаш, за жал. Од раѓање сите зависиме од нешто. Зависиме од
болничкиот тим на пороѓајот кога за прв пат треба да го запознаеме светот, зависиме од родителите додека не застанеме на нозе, дур не ги направиме првите чекори, зависиме од храна, зависиме од образованието и образовниот систем. Понатака во животот зависиме од некои шефчиња, директорчиња и друг вид на претпоставени. Зависиме од пари, зависиме од минималецот кој го земаме со желба за покачување и тн, и тн. За жал зависиме од многу работи, а истовремено забораваме на најбитниот момент – дека НЕ ЗАВИСИМЕ ОД НИШТО од горенаведеното! Како? Сега ќе ви појаснам!

Колку од нас останале без пари, без работа? Колку луѓе на светот живеат без храна? Без куќа, без ништо? Без струја и вода, без родители? Без партнер? Без да патат по некоја изгубена љубов? За жал многу! Од што зависат тие? Од ништо. Живеат со својата борба, со желбата за живот. Токму така, во животот се станува независен тогаш кога ќе се спознаеш себе си. Кога ќе започнеш да си веруваш и да се сакаш. Тогаш желбата за живот ќе те води напред, и ќе му застанеш храбро и независно на се! На секој проблем и секоја препрека. Таа храброст и независност ќе те направат да најдеш вода и на сред пустина. И да знаеш, ќе преживееш! Се случува често да помислиме дека зависиме од партнерот, од љубовта и вниманието. Ама застани и размисли, кај ти е оној партнер што си го имал пред 5 години и си зависел од него? Го нема! А жив си? ДА! Кај ти е „бившиот“ претпоставен? Кај ти е шефот кој ти даде отказ наместо да те унапреди кога најмногу си се трудел? Кај ти е колешката што ти „ставаше сопки“? Кај ти е професорот што не те пуштал на полагање? Каде ти е другарчето од клупа што никогаш не ти даваше „два листа од средина“ ? Кај ти е се она без кое си мислел дека нема да преживееш пред пет години? Го нема! Дали можеби се чувствуваш посреќно?

Уште еднаш ќе те прашам – ЖИВ СИ? Ако го читаш ова, значи одговорот е да! Си живеел без партнер? Без возвратена љубов? Без секс? Супер! И тоа не е знак дека зависиш од некој. Партнер ќе си најдеш, љубовта ако не ти е возвратена не е љубов – за љубов се потребни двајца! Сексот своевремено можеш да го компензираш со самозадоволување, што е исто така здраво и добро за самопознавање на сопственото тело. (Друг пат за тоа како табу тема, за жал, се уште во денешницата.) Преслаб си? Си се здебелил? Не си зависен од храна, зависи од тебе кога ќе почнеш да се храниш здраво и да ослабнеш! Немаш време за вежбање? Немаш време за работите што ги сакаш, за кафе со пријателите? Од тебе зависи, направи го времето кое ти треба, изменаџирај се подобро. Си живеел без работа? Живееш сеуште со цимер/цимерка? Живееш под кирија? Се уште родителите те помагаат затоа што не ти
стига платата? Се уште живееш со родителите? Па, што? Тоа не значи дека си згрешил нешто, дека си зависен! Како единка си независен, и се зависи од ТЕБЕ само треба храбро да настапиш во животот и да се избориш со се што мислиш дека те успорува, дека не ти се допаѓа. А се што сега ти се случува е токму тоа што сам си го предизвикал, и таму кај што си сега, да знаеш дека е вистинското место за тебе. Сите сме си таму кај што треба да бидеме.

Јас после еден подолг период тагување, слаба доза на депресија и осаменост, станав и се погледнав во огледало. Се изненадив од сликата. Не личеше на мене. Се подзамислив и си ги поставив прашањата од погоре. Си ги одговорив, си ги признав грешките и си размислив за желбите. Одговорот од девојката во огледалото беше дека независноста доаѓа од внатре, дека се што сакаш можеш да имаш само ако ја играш храбро и силно играта на животот! И нормално, ако си ја дадеш потребната љубов на себе си! Не онаа себичната, јас и само јас. Онаа нормалната љубов кон себе, знаете она што го викаме верувај во себе и сакај се себе за и другите да те сакаат. И станав НЕЗАВИСНА! Независна од општеството, независна од работата, од партнерот, од туѓото внимание, од парите, од храната. Само желбата за живот, вербата во себе и љубовта кон себе може да не направи независни и силни. Се друго е потреба, која ја имаме онолку колку што можиме да си ја дозволиме.

Од тука излезе независно – зависната Miss. Independent!

A вие сега трк пред огледало, имате ‘‘муабет‘‘ со ликот што ќе го видите! Ви ги кажав прашањата, а ви ги потшепнав и одговорите!

Love, Miss. Independent

Насловна фотографија: приватна сопственост на колумнистката

фото: Hannah Busing/Unsplash