Денеска е 8 Март, Меѓународниот ден на жената и женските права. Ден кога Клара Цеткин и Роза Луксембург рекле „доста е“. Денеска е ден на подарување подароци, гушкање, сакање, галење, мазење… а од утре кому иде.

Е, де. Па нели сум жена секој ден? И имам права секој ден? Е имаш.

Со партнерот сме заедно 7 и пол години, од кои пола година во брак, ретко добивам ружи за 8 март од него. Знаеше да ми подари за првите годишнини. Но затоа добивам љубов и анти-анксиозна терапија секој ден. Така да не жалам. Ма вкупно и не знам колку подароци имам добиено за сите 8. мартовци. Бидејќи прво бев девојче, а потоа тинејџерка, па после станав девојка али немажена и без деца. Ова е прв 8 март како сум мажена жена. А жена е жена, во сите форми на своето битисување.

Ако некогаш имам ќерка, која се’ почесто ја сонувам, ќе ја научам од мала дека е жена и што тоа воопшто значи, и дека треба да е среќна. Ќе ѝ објаснам каков благослов е да си припадничка на женскиот пол. Ќе ја научам на сето она што ме научи мене мојата мајка, а нејзе мојата баба, ќе ѝ објаснам дека не постојат женски и машки работи и обврски. Ако сака нека лови риби со татко ѝ, како што јас ловев на 6 години. Ако сака нека носи дрва, како што јас носев на 12 години. Ако сака нека го запали каминот, нека закова шајка, нека кречи, нека помага. Но и ако сака, нека ги истегне сите пити и зелници со баба ѝ, нека сплете џемпер, нека готви со татко ѝ.

Нека знае дека е човек, од крв и месо. И дека е во ред ако види машки солзи и женска непоколебливост и храброст.

Бидејќи освен физичката конструкција и емоционалната разлика, како и начинот на размислување, сите сме луѓе.

Денес го славам Денот на жените, онака како што го славам секој ден. Со љубов, со надеж дека нема повеќе да има разлики меѓу нас. Ни во интелигенција, ни во плата, ни во стереотипи и предрасуди. Ако некој е поспособен од другиот зошто да земе помала плата, само затоа што е од друг пол, небитно дали  е маж или жена?

Па  жени, уште еднаш  среќен 8 Март.

photos: unsplash

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.