Пуштете ја, нека спие…
Пуштете ја, нека го најде својот мир.
Пуштете ја со ангелите да танцува,
таа сега има кому својата нежна рака да ја подава.
Пуштете ја, нека лета кон небеси со нежни и тивки чекори!
Пуштете ја, нека патува по патот кој сама си го одбра.

Во очите ја криеше својата тага,
моја искра мала.
Во погледот и’ се читаа сите нејзини желби,
искрени и смели.
Мојата убавица повеќе ја нема,
останаа само убави сеќавања од мене и неа.
Мојата убавица сега на друг му свири,
а околу мене тишината царува.
Мојата Ивана сега од небо сите нас не’ прати,
О, боже кажи и’ нека ни се врати.

Многу работи не направивме,
за многу поубави работи не се израдувавме.
Зборовите останаа недоречени,
а сами по себе приказните недовршени.
Сестро моја мила, ако можеш слушај ме сега…
Знам дека се од себе даде,
ма нека иде се по ѓаволите…
Ова не смееше да заврши вака,
ти отиде, а јас останав тука со мислите нагоре кон тебе.
Те чувам во срцево,
те чувам и не те давам никому.
Го чувам секој спомен од тебе,
ја чувам секоја слика во себе.
За твојата музика, за твојот талент требаше надалеку да се чуе,
а можеби и ќе биде, кога се ќе отиде по ѓаволите.

Белград веќе за мене не е ист,
го бришам од секој лист.
Не знам како својата тага на гробот твој ќе ја скријам,
не сум до толку јака за сето тоа туку-така да го преболам и преминам.

И од плачот брзо се заморувам,
склопувам очи и те гледам.
Ти насмеана во бело,
се смешкаш на мојот смешен акцент…
Ехх… Кога барем можев да те слушам на една минутка барем…
Но, затоа те гушкам…
Те гушкам секоја ноќ,
ја гушкам перницата замислувајќи те
и тогаш солзите почнуваат да се лејат…

Те сакам и ќе те сакам се’ дур ме има на ова парче Земја,
а потоа се гледаме на подобро место.
Се надевам дека си подобро таму горе,
знај дека сите те сакаме и обожуваме…

Сите бакнежи ги праќам кон тебе,
знај ангелче дека се’ би дала да си до мене.
Убавино, не грижи се…
Се чувам….

Photo: Unsplash/Veit Hammer

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.