
Науката, креативноста и терапевтската практика беа темите што ги поврзаа учесниците на Првата меѓународна научна конференција за арт терапија во Македонија. Под мотото „Контакт низ боја“, настанот се одржа на 17 и 18 октомври во Скопје, во организација на СИБИЕС Консалтинг Скопје.
Конференцијата собра 80 учесници од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Франција, Италија, Белгија, Португалија, Бразил и Перу, како и од Вашингтон. Меѓу нив беа професионалци, професори, доктори и заинтересирани учесници од психологијата, психотерапијата, арт терапијата, образованието, уметноста и сродните дисциплини.

Во текот на двата дена се разменуваа знаења, искуства и современи пристапи во работата со менталното здравје. Програмата вклучуваше научни и стручни излагања, искуствени работилници, панел-дискусија, уметнички содржини и филмска проекција.
Посебно внимание привлече панел-дискусијата „Иднината на арт терапијата: помеѓу науката, креативноста и општествената промена“. Таа поттикна активна размена на ставови за развојот на оваа област, научните истражувања, професионалните стандарди и можностите за поширока примена на арт терапијата.

Дел од програмата беше и проекцијата на филмот „Железна тврдина“ на режисерот Митко Панов, по која следуваа дискусија и споделување впечатоци меѓу присутните. Низ различните програмски содржини беше истакната важноста на креативното изразување во психолошкото истражување, терапевтската практика и меѓучовечката комуникација.
Иницијатор и организатор на конференцијата е психологот и гешталт арт психотерапевт Цветанка Бурзевска, чија визија беше да создаде платформа за научна и професионална размена во областа на арт терапијата.

„Кога започнав да ја развивам идејата за оваа конференција, мојата цел не беше само да организирам настан. Сакав да создадеме простор во кој науката, креативноста и терапевтската практика ќе се поврзат, но и простор во кој луѓето ќе можат да разменуваат искуства, да поставуваат прашања и да создаваат нови професионални соработки. Особено ме радува што конференцијата беше прифатена со толку позитивна енергија и поддршка. Верувам дека ова е почеток на нешто што ќе продолжи да се развива“, истакнува Бурзевска.
Според впечатоците споделени од учесниците и предавачите, конференцијата беше високо оценета во однос на организацијата, програмските содржини и можностите за професионално поврзување.

Една од нејзините главни цели беше да се отвори поширок разговор за местото на арт терапијата во современата психологија, психотерапија, здравството, образованието и општеството. Преку меѓународната размена и интердисциплинарниот пристап беше нагласена потребата од понатамошно научно истражување, професионална едукација и етички стандарди, како и од соработка меѓу практичарите, академската заедница и институциите.

Настанот постави основа за нови професионални поврзувања и иницијативи, со цел поголема видливост, професионално препознавање и развој на арт и креативните терапии во земјата. Организаторите упатија благодарност до сите предавачи, учесници, партнери, спонзори и волонтери што придонесоа за неговата реализација.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.






