
На 3 ноември 2026 година, во Кинотеката на Македонија ќе биде отворена фотографската изложба „Експедиција во Преспа – Сведоштва на 44 преспански села“, која ќе претстави дел од истражувачкиот и документарниот проект посветен на животот, културата и наследството на преспанските села. Отворањето е закажано за 19:20 часот, во рамките на 12. издание на Меѓународниот фестивал на етнографски филм ЕТНОФФ, во организација на Македонското студентско етнолошко друштво (МСЕД).
Зад проектот стои Кристина Паскоска, која заедно со своето семејство започнала експедиција низ 44 преспански села, со желба да ги истражи и документира нивното минато, денешната состојба и особеностите што ги прават препознатливи. Проектот обединува етнолошки и антрополошки истражувања, фотографија и сведоштва, создавајќи материјал што ќе остане како аманет за идните генерации.
Идејата за експедицијата се родила по гледањето емисија на Македонската радио-телевизија, посветена на заборавените села во Македонија. Начинот на кој биле претставени селата, нарацијата и вклученоста на стручни лица од областа на етнологијата, историјата и археологијата ја поттикнале Кристина да започне сопствено истражување, насочено кон нивната денешна состојба.
Во реализацијата на нејзината идеја се вклучило целото семејство. Кристина ги презела етнолошките и антрополошките истражувања, етноантрополошката фотографија и претставувањето на проектот на социјалните мрежи. Нејзиниот брат, Никола Коларовски, бил задолжен за фотографијата, додека нејзиниот сопруг работел на аеро-приказните.
Истражувањето ги опфаќа природните богатства, културните знаменитости, идентитетот и секојдневниот живот на преспанските села, некогаш и денес. Посебно внимание е посветено на нивната архаична убавина и на материјалното и нематеријалното културно наследство, како важен дел од историјата и препознатливоста на овој регион.

Фотографски сведоштва од Преспа
Во холот на Кинотеката на Македонија ќе бидат поставени околу 30 фотографии, додека останатиот фотографски материјал ќе биде прикажан во дигитална форма, преку слајд-шоу. Посетителите ќе имаат можност да погледнат фотографии кои досега не биле објавени на социјалните мрежи, а нивните конкретни мотиви засега остануваат изненадување.
Автор на изложените фотографии е Никола Коларовски, македонски композитор, пијанист, педагог, фотограф и планинар. Значаен дел од неговата фотографска дејност е посветен на природните убавини, особено на планинските предели на Македонија и пошироко.
Фестивалска програма и информации за посетителите
Фестивалот започнува во 18:00 часот со проекции на етнографски документарни филмови што обработуваат теми поврзани со традициите, обичаите, културното наследство и животот на различни заедници. Во програмата е вклучен и посебен блок посветен на документарните филмови на Вера Кличкова.
Отворањето на фотографската изложба е предвидено од 19:20 до 19:40 часот, а изложбата засега ќе може да се посети само на 3 ноември 2026 година.
Влезот на филмските проекции е бесплатен.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.
