14 септември, сабота
Да биде класично? Станав, се измив лице, измив заби и отидов до кујна да јадам како и секое утро? Или пак клише од типот на: Убав ден. Детскиот џагор се слуша под мојот прозорец, децата заминуваат во училиште со насмевка и песна, тивок сончев зрак влегува во мојата одаја и ми го гали лиценцето кое само што не пукнало од радост што ќе се сретне со другото лице, лицето на денот? Ма, дајј…
Не, нема така да почнам, затоа што утрото ми беше хаос. Отидов до тоалет и имав што да видам, сум добила Тргнав да си ставам влошка и сфатив дека немам ниту една! Тука веќе настана борбата со мрзеливоста и болката, искушението да отидам во таква состојба во продавница или пак да ја намолам мајка ми. Ставив секојдевна влошка и неколку слоја тоалетна да ме држи и истрчав во дневната со надеж дека ќе се извлечам од ситуацијата во која се најдов.
„Ох бе, зошто сум жена?“, секогаш си го поставувам ова прашање дур пцујам до трето колено и се превртувам од болка. Добро сега, понекогаш состојбава на добиено е благодат, АМА САМО ПОНЕКОГАШ!!
„Мама, знаеш дека те сакам најмногу на целиот свет и дека и животот би го дала за тебе, само за да бидеш среќна и исполнета“, почнав да ѝ се улизувам како по обичај.
„Што треба?“, а таа пак, веднаш ме провали.
„Знаеш ми има дојдено, а немам ниту една влошка останато. Меган сите ми ги потрошила…“
„Треба да се видам со Елизабет за половина час.“
„ТЕЕ МОООЛААММММ! Ќе ти го памтам ова доживоооотнооооо!“
„Аха, до наредниот пат, исто како минатиот.“
„ТЕЕЕ МОООЛААММ!!“
Подготвувајќи си ја чантичката, како да се помисли, па се насмевна и ми рече: „Добро, ајде сега ќе претрчам да ти купам. Вечер очекувам фрапе од тебе на маса, важи? Само немој да биде пак да биде како минатиот месец, па џабе да го чекам, се надевам дека овој пат ќе се случи. Искрено се надевам.“
„Мамоооо…“
„Одаммм! Само кажав!!“
Мајка. Незаменлив дел од мојот живот. Во вакви денови кога ја нема сестра ми Меган која замина во понеделникот на романтично патување во Австрија со дечкото, таа ми е буквално сé, од мајка до другарка, па дури и сестра. Како оние нескафињата што се три во едно, кои патем ги обожавам, исто како и неа. Всушност, сè на светот би дала само да е среќна, па за кого ако не за неа? Таа ме донела на крајот на краиштата на овој свет. Оф бе, дури станав и патетична ради циклусов. Ама, МАМО ТЕ САКАМ!
Викица се врати по десеттина минути. Ги остави на маса и замина. Притоа повторно насмевнувајќи ми се во стил: „Не очекувам да го направиш фрапето што ти го нарачав, а и не ни мора. Знаеш дека преферирам само топло млеко навечер пред да си легнам.“
Пораката беше сфатена, а како и да не е, кога совршено ја познавам. Ѝ ги знам сите доблести и маани. А, и таа моите. Ете, тоа е онаа бескомпромисна љубов која е полна со почит и разбирање. Да беа сите љубови такви, светот ќе беше прекрасно место за живеење, ама од друга страна, пак, немаше да биде исто, нели? Љубовта кон мајката е една и единствена, кон таткото исто. Секоја љубов е посебна на свој начин, ахх љубов…
„МАРЛА ОКЕЈ, СМИРИ СЕ. НАПИ СЕ ЕДНА ТАБЛЕТА ЗА СМИРУВАЊЕ!!“, си помислив пред да се склупчам во креветот во фетусна положба. Кога станав, кога легнав, но тоа е..
© Текстот е преземен од книгата „Моето име е Марла“