Велат среќни луѓе не пишуваат песни,
а оние најдобрите ги пишуваш кога добро си забрљал.
Не сум забрљала,
туку невина душа сум изгубила.
не сум забрљала,
туку невина душа настрадала.

И како камен од плешки паѓа,
како кнедла од грло исчезнува,
со секоја солза што капнува.
Те чисти ли, те мие,
кажи ми горе добро ли ти е?

Ме стегаш в гради,
со секоја помисла на тебе.
И од ден за ден,
чинам се’ потешко е.

Ти заминуваш,
оставаш се’ зад себе.
И раните неисцелени,
и зборовите неискажани,
и приказни недораскажани.

А тие ко за белја највеќе болат,
и како нож в гради ме колат.
Да ти речев вака,
да ти речев онака.
Ќе беше ли поинаку?

Си велам, ајде, ќе се видиме горе,
ќе си поприкажеме уште еднаш.
Ќе ти шепнам две-три ствари,
за сите оние мои луди мари.

Ох, ја мрзам смртта.
Знаеш?
Затоа што успева да ме срози,
да ме пресече ко никој,
да ме соголи до коски.

Ох да, ја мразам,
затоа што ми ги одзема саканите
и не ми дава мира.

Што се годините за младите?
Кај ќе им оди векот,
па јас сум премлада, чинам,
да губам некој.

Сакам да сме седи,
со развеани коси.
Испоседнати на појлана негде.
Внуците околу нас,
врескаат и се смејат.

Да одекнуваат викотници по баба и дедо,
да нема болести на веков.
Децата да се безгрижни крај мама и тато,
и да не одат веќе настрана да го бараат патот.

Ах, каков сон.
Нели?
Се замислив и одлетав на друга планета.

Ах, заборавив.
Ова е реалноста,
си велам, понекогаш, каква штета.

Марија Прличкова

photo: Joshua Wilson

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.