• Извадок од книгата „Моето име е Марла“ од Марија Прличкова

„Драга,

Не знам како да го почнам писмово, ама ќе се обидам барем да му дадам некаков концепт.

Имено, загрижена сум за мојот дечко. Во последно време сé почесто ми бара пари и тоа не за нешто специјално, туку за пиење!

Се обидов неколку пати да го одбијам, со објаснување дека немам ниту јас нешто којзнае колку. Но, тогаш стана насилен кон мене! Почна да ми вика и да ми се заканува дека сум лошо ќе сум поминела ако не сум му давала пари кога и да побара.

Знам, знам што ќе кажеш. Ќе речеш да го оставам и тоа со право, но не е така едноставно.

Всушност, тој ја користи мојата немоќ. Немам ни брат, ни сестра, а ни татко. Имам само мајка која е болна и морам да се грижам за неа.

Тој направил некакви експлицитни снимки од нас. Ако мајка ми ги види, многу ќе се разочара. Јас сум толку безнадежна, што веќе не знам треба да направам. Како да го тргнам од тој пат?

Лариса“

Ја препрочитав пораката дури неколку пати, затоа што не ми се веруваше дека постои некој што би можел да биде толкав гад. На девојка којашто има болна мајка да ѝ се заканува со некакви валкани снимки од нив двајца и тоа за алкохол?!

Не сакав веднаш да ѝ возвратам, сакав да бидам што е можно појасна во намерата да ја натерам да појде во полиција и да го пријави. Сепак, ова не беше обичен случај со „остави го“, туку проблемот беше многу подлабок и покомплексен од останатите, затоа решив да се исконсултирам со „Чичко Гугл“ и да побарам мислења од други девојки кои се соочиле со ист/сличен проблем.а што не ми се веруваше дека постои некој што би можел да биде толкав гад. На девојка којашто има болна мајка да ѝ се заканува со некакви валкани снимки од нив двајца и тоа за алкохол?!

Прочитав најразлични приказни поврзани со алкохолизам, уцени, експлицитни снимки. Колку што повеќе ги читав, толку повеќе сфаќав дека ваквите ситуации за жал воопшто не се ретки, туку напротив, сè почесто се зголемува нивната бројка. Некои од нив испраќале голи фотографии на лажни Фејсбук профили, не знаејќи со каков калибар на луѓе си фатиле работа, поточно верувале дека се допишуваат со нивниот господин Совршен, а не со некој манијак или педофил. Што ме натера да подразмислам малку подлабоко.

Кој ли навистина ни ги праќа овие пораки? Можеби зад нив стојат мажи кои сакаат да се исмејуваат, можеби пак жени кои сакаат да се ситат, можеби зад нив стои некој што лично го познавам, а дознал за мојата волонтерска работа.

Од мисла во мисла, од параноја во параноја. Сè повеќе ми се чинеше дека и моите мисли отидоа предалеку. Дури и ако не ми напишала Лариса, туку Лари, ако беше само очајно подбивање или беше личност која лично ме познава, сепак решив да верувам дека тоа е само некоја тажна Лариса, без разлика на сè.

Не сакав да дозволам да ме облее паника и накрај да доживеам некаков опасен паничен напад, со што би ги исплашила моите и би ги потсетам на моите први посериозни напади, кога сè уште не знаевме со каков „ѓавол“ се бориме. Затоа се обидов да ја исфрлам секоја можна црна мисла од глава и да го направам она што и се очекуваше од мене во тој момент, односно пронаоѓањето на вистинскиот одговор.

Се соземав и по неколку минути, ѝ напишав:

„Здраво, Лариса!

Размислував некое време како да ти го соопштам ова за коешто верувам дека и самата си свесна: Оди во полиција, девојко! Овој проблем нема да се реши сам од себе.

Немој да се лажеш дека со твојата добрина и чистина во душата ќе успееш да му го смениш патоказот, немој, затоа што да те сакал и почитувал немало ни да направи такви снимки!

Згора на сé, ти се заканува дека ќе ѝ ги покаже на твојата БОЛНА мајка, само за да ИЗНУДИ пари од тебе за ПИЕЊЕ!

Ова што го пишувам со големи букви треба да ти биде освестување, те молам не го сфаќај за дерење, важи?

Добро, каков дечко е тој? Каков маж е тој штом лошата позиција на девојката ја искористува во своја полза?

Каква е таа сатисфакција свесно некому да му се закануваш со најмилото? Каква е таа смелост да уништуваш туѓ живот?

Дали сфаќаш дека не е само за мајка ти, туку и лично за тебе е.

Да не била мајка ти, ќе бил некој друг на нејзино место и тоа само ќе се демонстрирало негативно врз тебе.

Мораш да сфатиш дека немаш апсолутно никаква иднина со него и мораш да преземеш построги мерки со кои ќе се позанимаваат правосилните органи!

Биди храбра, имај свое јас.
Одбрани си ја честа и заштити ја мајка си.

И само да знаеш дека нема да ја разочараш ако ги погледне тие снимки, туку ќе ја разочараш ако дознае дека за да ги прикриеш, си му давала пари.

Ќе ја разочараш затоа што и ти си избрала да играш валкано исто како него.

Ти ја посакувам целата среќа на светов!

Сиси“

Ова беше можеби најтешкиот проблем кој сум се обидела да го „решам“. Самата содржина беше тешка за читање, а не па за решавање или доживување. Можам само да замислам низ каков хорор поминува. Не сакам да давам никаков суд врз девојкава, но веројатно од преголема заљубеност се заслепила и не сфатила во каков магичен круг на измама влегла. Се надевам дека ќе ме послуша и уште изутрина ќе појде во полиција!

photo: Pixaby

 © Текстот е преземен од книгата „Моето име е Марла“