Веќе неколу пати сум јавно сум кажала дека не примам никаква медикамедозна терапија, туку низ различни начини се обидувам да се ослободам од стресот и анксиозноста. Претходно пишував за пишувањето, кое верувам од оваа гледна точка дека е првиот одбранбен механизам, за кој не сум била свесна кога започнал, бидејќи не ни знаев дека постои анксиозноста, а уште помалку дека се соочувам со неа.

Откако мојот партнер Емил ја препозна оваа состојба кај мене, почнавме да работиме на мене. Оттогаш до ден-денес, минав неколку фази. Цртање и боење, читање, фитнес, решавање крстозбор, чистење и танцување. Ќе речев и готвење, ама се’ е уште сум во почетна фаза, па повеќе ми е стрес отколку опуштање… После секое успешно јадење, велам „фала богу, живи сме“.

Е денеска ќе зборувам за танцувањето.

Од мала сакам да танцувам, одев и во танцов клуб, но тогаш машките не сакаа да играат, па повеќе играв машки отколку женски чекори. Виде не виде мама, ме отпиша. Сакав да играм и на патронати со изведба на разни кореографии и навивање, но за првото ги избираа најпопуларните и најубавите, а за другото, па и немаше. Не сме во Америка, по Богу!

Сакам да се журкам, сакам да танцувам по цела вечер. На свабда едвај го чекам забавниот дел, а кога ќе дојде блех-музика, паѓам во несвест. Тоа чочеци, тоа кршење колкови… Ората не ми се најјака страна, признавам.

Едно време се роди фобија од одење во клубови и концерти, откако се онесвестив во Метрополис Арена. Па ми требаа неколку години да се осмелам повторно да влезам во ноќен клуб. Сега веќе немам гајле, едвај чекам да се покаже прилика.

И така некако сфатив дека и танцувањето е мојот скриен одбранбен механизам. Интересно е што како мала ми набија комплекс дека не знам да играм, но како и за што правам во животот, ми беше сеедно за туѓото мислење. Можеби тогаш, како помала, се плашев. Но како стареам, толку помалку се замарам со другите и се фокусирам на самата себе. Сеедно е како играм. Тоа е за мене и мојата душа. Не одам на натпревар, ни на аудиција.

Емил случајно почна да ме снима во Рамстор додека се движевме низ холот. Мене многу ми се допадна песната и почнав да играм. Почувствував дека кога играм, анксиозноста ја снемува. Сега секаде ме снима. Играм додека чекам на каса, чекам на паркинг, на ескалатор, во продавница, одам по улица… И ако некого тоа му е смешно или небулозно, тоа е негов проблем, мој не е сигурно. Како што и анксиозноста е мојата „другарка“, а не нивна.

Со текот на времето приметив дека на луѓето им се допаѓаат моите танци се’ повеќе и повеќе, а многумина ми признаа дека го прават истото додека се’ на некоја од горенаведените локации. Сепак, најмногу сакам кога одам на журка. И играм со други. А некогаш журката сум самата јас. И тогаш на се’ заборавам.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ducky Duck (@prl1chk0va)

Музикотерапијата е одлична. И бесплатна е. И трае и трае… пробајте. Само опуштете се. Слушајте додека готвите, чистите, миете садови, вежбате. Препуштете им се на звуците. Ама слушајте весела музика, која ќе ве подигне од столицата. Признавам дека ми годи и тажната. Тогаш ги пуштам солзите. Не танцувам, таман работа. Само слушам, а солзите се нижат. И накрај ефектот е ист, како да сум играла три часа. Само што телото не ми е уморно, туку само душата ми се олеснила.

Доколку не сте сигурни дали имате анксиозност или пак не го знаете коренот на нејзиното растројство, посоветувајте се со психолог. Не се срамете да го споделите својот проблем, бидејќи тие се овде да ви помогнат да го осознаете и полесно да го решите.

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.