Веќе претходно пишував на оваа тема. Но, мислам дека е доста обемна сама по себе и заслужува да ѝ се посвети повеќе внимание и фокус.
Како што напоменав и во претходната статија, самодовербата се гради и руши со помош/заслуга на најблиските. Денес ќе елаборирам за моето лично искуство.
Имено, колку што долга мојата историја со анксиозноста, толку е долга и мојата мака со ниската самодоверба. Едноставно, едното со другото се во црвста меѓусебна врска и некако е тешко да се издвои едната од другата, како да се сијамски близначки. Но, што е со просечната или големата самодоверба? Помага ли некако во анксиозноста и како? Може ли да се постигне и на кој начин?
Одговорот е дупло ДА. Иако се постига за релативно долго време и треба доста поддршка од најблиските (семејството, партнерите, пријателите и роднините).
Кај мене борбата за барем просечна самодоверба трае(ше) цел живот. Најпрво за мојата килажа, а подоцна и за мојата убавина. Не би ги нарекла комплекси, затоа што никогаш не сум дозволила да ги лечам на други луѓе преку навреди и споредувања со нив.
Но, беше прилично болно да се слушне кога некој ве нарекува костур на батерии или грдата Лети, и тоа во најранливите години, почетокот на пубертетот кога тинејџерите се свесни за своите предности и недосатаци, особено на недостатоците.
Од основно, па се’ додека не го запознав мојот сегашен партнер, за себе имав доста ниско мислење. Некогаш имав задоволително ниво на самодоверба, но никогаш не траеше долго.
Но како што го запознав него и како се развиваше нашата врска, така и јас се засакував себе. Го засакував своето тело, своите коскести облини, своите очи, косата, образите, носот. Го засакав сето она за кое што мислев дека смета на мене.
Низ годините наназад се трудев да го изнајдам што е она кое ме „грди“. Имам сино-зелени очи, па мислев дека е до нив. И се прашував што ако беа кафени? Дали тогаш ќе бдев поубава? Сигурно поради наочаите или пак протезите? Можеби забите или усните? Можеби косата или тежината?
Колку повеќе се трудев да се пронајдам, толку повеќе се губев. И кога најпосле го најдов него, се’ се смени. Од русокоса станав бринета, мојата природна коса. Почнав поретко да се шминкам, а повеќе да се смеам. Почнав да стареам во години, а да се подмладувам во духот.
Денес, после пет години од нашето запознавање, не знам дали и колку сум се разубавела, но знам само дека кога и да се погледнам во огледало, повеќе ни ги гледам своите недостатоци. Повеќе не ми сметаат. Повеќе не обрнувам внимание на нив. Сега се фокусирам само на убавите нешта.
Кој е лекот за поголема самодоверба?
Лекот е во секојдневните комплименти што ги слушам од мојот партнер. Дури и во најлошото издание, со бушава коса и сонливи очи, тој во мене ја гледа убавината и тој ми го кажува тоа. Секој ден. По неколку пати. Повеќе не слушам навреди, а и да ги слушнам, не ми значат. Тоа е нивен проблем, не е мој. Односно ако сите моите добри страни, ги одбираат моите недостатоци, тогаш тие имаат многу поголем проблем од мојата грдотија.
И затоа ги пуштам да си одат. Повеќе не боли набивањето коплекси и туѓото нивно лечење врз мене. Не. Бидејќи јас имам други погледи врз светот. Јас станувам, мијам очи и лице, мијам заби, се смеам во огледало и продолжувам со животот. Се фокусирам на сето она што можам да го постигнам сама, а не да се лутам зошто Бог не ми подарил поголеми усни или помал нос. Тоа е божја волја. А јас не ѝ се лутам повеќе на природата.
Подобро утре моето дете да ме види мене, а не некоја пластична кукла на која што сигурно нема да личи. Кога и да ги погледне своите очи ќе се сети на мене, кога и да ја види својата коса исто така, којзнае што ќе наследи од мене, а што од таткото. И не ми е грижа. Бидејќи за мене ќе биде најубаво и тоа ќе му го повторувам секој ден за да ги победи сите навреди од недостојните за него.
Ќе го научам дека првата лекција во имањето самодоверба е сакањето себе и почитувањето други. Нема да го учам да биде егоист, ниту пак да биде самобендисан, ниту да биде кретен кој ќе ги навредува другите. Не. Ќе го учам да го почитува туѓото мислење и различностите. Да се дружи со сите кои добро се однесуваат со него. Ќе го научам дека не постои дефиниција за убавина.
Никој не е убав или грд, според некоја дефиниција. Не. Тоа е индивидуално. Ќе го научам дека еден ден и тоа ќе најде некого кој ќе му ги дели истите комплменти како што мене татко му и дека ќе има должност да ги дели истите комплементи кон партнерот. Секогаш. Секој ден по неколку пати.
И ако се’ уште се мачите со самодовербата не очајувајте. И јас уште мака мачам со анксиозноста. Тешко се двојат овие две. Но, ми е многу полесно. Сум се искачила неколку скалила и веќе сум во предност пред анксиозноста. Таа е пакостлива и ќе ве спушти на земја. Но, вие ќе ја победувате. Со својата снага. Со својата истрајност. Со својата самодоверба.
Вие можете!
И да, ако партнерот не ви го крева нивото на самодоверба, размислете дали е воопшто вреден за вас? 😊
photo: Pixaby
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.