Поглавјево односно статијава би требало да се нарече и: Како ме заболе уво за сè!

Имено, мојата позитивност денес помина низ доста филтрација и промени на расположение како и секој жив човек. Мојата трансформација и преобразба не настана преку ноќ и навистина беше потребно време и труд. Но ајде, ќе одиме чекор по чекор.

Пред сè, да ви кажам дека не треба да очајувате ако не се промените. Секој е индивидуа за себе, и не треба да се форсира. Позитивните мисли не се птици преселници, па да ви дојдат одеднаш како бран. Ниту откако ќе дојдат, дека веднаш ќе си заминат. За сè треба време, како за нивното доаѓање, така и за нивното заминување (до кое се надевам дека нема да дојде).

Уште како мала бев осудена на социјална анксиозност, па јас и таа се дружиме целиот живот. Ја прифатив штом дознав дека постои. И благодарна сум што знам дека ја имам, што не живеам во незнаење и неукост за мојата состојба, во информативен мрак. Негде оттаму можеме да речеме дека доаѓа и светлината на мојот тунел наречена негатива.

Кога тргнав во прво одделение, па сè до четвртво, многу сакав да се смеам. Дури и ме нарекуваа смешка. Бидејќи знаев дека смеата е суштествен дел од животот на секое дете, иако можеби не со овие зборови, но сепак чувствував дека ми дава енергија. Дојде периодот од петто до осмо, па во средно итн.

Како растев, така повеќе се лутев. Сè си ставав на срце, им придавав значење на навредите или шегите. Едноставно не знаев да прифатам шега на своја сметка. А додуша, не знаев ниту да се шегувам на туѓа сметка бидејќи знаев како ми е мене.

Во пубертетот, преминот од основно во средно, мислам дека претрпев најмногу турбуленција. И од најголема смешка станав најголема плачка! Да, плачев за сè и сешто. Не дај Боже, некој да ми речеше нешто. А збор да им кажам, скараја да е. Само ќе се намуртев и ќе им речев да прекинат, дека не е смешно.

Денес ми е криво. Не зошто сум се „бранела“ и муртела, туку затоа што сум се замарала со нивните глупости. Ех, ќе ми оди да си влепам шлаканица за оние денови.

Кон крајот на средно, имаше период кога пресушив од солзи. Не плачев за ништо, бев ладнокрвна и се прашував дали останало нешто човечко во мене штом ништо не ме крши. Тој период траеше одредено време дур повторно не се вратив на плачењето. Па, пак, не пресушив.

Тек на факултет почнав да не се замарам, ама баш со ништо. Се смеев кога сакав да се смеам. Се чувствував доволно зрело за да прифатам туѓи шали, а луѓето се прашуваа „на што сум“. Бев на дрогата наречена среќа. Друго не знам. Некако проблемите што ги имав вон факултетот сакав да ги сокријам зад широката насмевка.

Потоа почнав да работам во хотел. Таму вистински се очеличив. Секојдневно се среќавав со разни животни судбини. Научив како да се однесувам со луѓе, возрасни луѓе, а не со деца и недораснати адолесценти. На сите им бев омилена, бидејќи ги разбирав и се трудев на сите да им угодам. Научив за браковите, научив за врските, научив за швалерите и швалерките. Што практично веќе ништо не ме чуди. А и не ми смета по 100 пати во минута да велам „Добар ден“ и „Пријатно“.

Негде помеѓу периодот на моето вработување, ја запознав љубовта на мојот живот. И се запознав со мојата состојба. Откако сфатив дека не сум луда и зошто сум „лутка“, решив постепено да го менувам мојот начин на живот. Да не плачам и да не се нервирам. Да не дозволувам гневот кон другите да го исфрлам кон себе и најблиските (иако на тоа уште работам). Знам да се смеам на своја сметка и се пуштам полека да се шегувам и на туѓа сметка.

Полека, полека. Од ден за ден, од месец за месец почнав да се фокусирам на позитивните мисли. Научив да им простам на сите кои ми згрешиле, но и истите да ги избришам засекогаш од мојот живот. Повеќе не мислам на нив, ниту се сеќавам на оние денови. Си дозволив да пораснам.

Денес се трудам и „намќорите“ околу мене да ги обојам во најсветли бои. Да сфатат дека солзите нема ништо да постигнат, дека нервозите џабе си ги лепат за срце, дека животот е поубав кога се гледа од посветлата страна. Дека со омразата и лутината не се постигнува апсолутно ништо, дека од навредите нема аир и дека гневот не е ништо освен подмолен отров.

И кога е најтешко, гледам на посветлата страна. И откако го сретнав Емил, се соочив со доста тажни и неубави моменти. Но, никогаш не ја изгубив надежта. Дури и кога губиме некого од животот, остануваат сеќавањата од него. Сè додека нашите најблиски се здрави и живи, ништо на светот не е изгубено. Сè додека покривот е силен, а фрижидерот и гардероберот полн, немаме причина за сивост. Сè додека сме здрави и живи, нема потреба од дополнителни нервози.

За крај еве ја мојата химна на позитивноста:

photos: Pixaby

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.