Откако се консултирав со членовите на групата „Анксиозност, панични напади и стравови“ за следната тема, сложно повеќето ја изгласаа оваа. Се надевам дека ќе успеам да им помогнам на оние „неанскиозните“ како полесно да им го подобрат расположението кои секојдневно се справуваат со овој проблем.

Имено, не постои некоја среќна формула за моментална насмевка на лицето кај анксиозниот човек, но доволно е да ги направите среќни. А како е тоа можно?

Ајде да пробаме да се објасниме.

Како и секогаш, така и сега ќе се раководам по сопственото искуство со анксиозноста. Јас не сум стручно лице од областа на психологијата и можам само да ве насочам да посетите психолог или психијатар доколку чувствувате дека не можете да се изборите сами. Јас го најдов мојот партнер кој е всушност мојата најголема инспирација и поддршка. Па, овој пат ќе зборувам за неговата улога во мојот живот.

Морам да напоменам дека ова е прирачник за сите оние кои познаваат некој кој има анксиозност, па токму затоа тонот ќе биде насочен кон нив. Почнуваме!

1. Слушајте ги што имаат да ви кажат!

Секогаш кога имаме анксиозен напад, имаме потреба од сослушување. Сакаме да ги искажеме мислите што ни се мотаат во глава, сакаме да ги исфрлиме негативните емоции во себе, сакаме да дивееме, сакаме да се смируваме, сакаме да ја исфрлиме онаа лава која се тлеала во нашето тело. Само слушајте ги своите најблиски. Прашајте ги зошто мислат дека е така, како би можело да се смени.

Потпрашувајте, но не ги прекинувајте. На анксиозниот човек му е потребно време да се отвори, а кога веќе ќе го направи тоа, тој само исфрла од себе. Оставете го. Ќе му олесни.

2. Не го осудувајте!

По точката сослушување следи не осудување. Кога ќе сфати дека може да ви верува и да ви се отвара, ќе биде многу посреќен. Стравот од осуда и неприфатеност е доста честа појава кај анксиозните личности. Понекогаш, поаѓам од себе, токму поради тие стравови од тоа што ќе кажат другите, се затвораме уште повеќе. Молчиме и таложиме. Некогаш за да не ги повредиме другите, некогаш за да не си дадаваме сол на раната, или да долеваме бензин врз оганот.

3. Советувајте, но не претерувајте!

Откако ќе го сослушате без да го осудите, многу веројатно е од вас да биде побарано и некој совет да дадете. Внимателно. Секогаш внимавајте да бидете реални но не и песимистични. Лично кај мене, туѓите песимистички лица ме прават тажна и чувствителна, покревка и несигурна. Анксиозните најчесто се плашат од негативните исходи, па доколку и вие мислите така, ќе почнат да веруваат дека нема светло на крајот на тунелот.

Зборувајте со нив, кажете им и да се случи нешто, не е крај на светот. Советувајте ги да се обидат да останат приземни и да не мислат на најлошото.

Често пати со мајка ми разговараме на некои почувствителни теми, како загуба на член на семејството и слично. Мајка ми секогаш ми вели да не размислувам за тоа и дека кога и да се случи такво нешто, тоа нема да биде поради мене, туку бидејќи така сакал Господ и тоа е доволно да ме отргне од негативните мисли.

Откако ви ги кажав трите најважни чекори за расположување, одиме со краток водич за забавување.

4. Слушајте музика.

Лично многу сакам да слушам музика поради две причини: прво ме опушта, второ се занесувам заедно со неа. Велат дека музиката е лек за душа и навистина е така. Играјте и пејте заедно. Можеби ќе им треба време да се опуштат, но вистиснкиот избор на песни, опуштањето ќе стане уште полесно.

Избегнувајте музика којашто не им лежи душа и не ги притискајте поради тоа. Ако вам ви е неугодно додека слушате некој според вас лош жарн на музика, ним им е уште понеугодно. Ќе им создадете дополнителна непријатност, што ќе доведе до зголемена анксиозност.

5. Гледајте филмови заедно.

Слично како и со претходното, внимателно со жанровите. Изгегнувајте напнати и тешки психолошки филмови. Неретко и документарни филмови знаат да ми создадат панични напади. Доколку видите дека личноста е напната или под стрес, понудете ѝ комедија. Серизните филмови оставете ги за некои други времиња. Сега е време за опуштање и грицкање пуканки.

6. Шетајте.

Чистиот воздух го зголемува допаминот, особено кога е придружен со сонце. Шетајте во парк, покрај кеј… понекогаш не мора ништо да правите, не мора ни да зборувате. Често пати со мојот Емил седиме на клупа и мижиме насочени кон сонцето, нешто слично на sungazing. Единствено што треба да внимавате да не седите на јако сонце бидејќи е штетно. Зимското сонце е во ред, како и утринското. Но штом се стоплува и УВ зраците стануваат посилни.

7. Патувајте.

Кој не сака да патува? Одете на некое патување надвор од градот барем за викенд. Не мора да е предалеку, заминете во Крушево или Берово, можеби Охрид или Струга. Патувањето намалува стрес, барем кај мене. Ме тера да заборавам барем на проблемите и да се олабавам од обврските. Додека траеше карантнот бев во ред, но ја чувствував таа потреба за промена и не згрешив. Сепак човекот е социјално суштстество и му треба промена на околината, нови луѓе и места. Со оглед на ситуацијата, свесна сум дека стравот од заразување е до плафон, но со придржување до мерките нема да имате никаков проблем.

Сепак, доколку воочите дека не можете во целост да му помогнете на најблискиот, најдобро е да го советувате да разговара со стручно лице. Понекогаш не е доволен разговорот со пријателите, потребно е истражување на коренот на проблемот. Бидете свесни дека колку и да сте блиски со некоја личност, можно е истата да не може целосно да ви се отвори од најразлични причини. Не сите се спремни да разговараат за минатото, особено ако не сте биле дел од него, и со право.

Минатото е за минато, сегашноста е за сегашноста, а иднината за иднината. Ова го зборувам со причина да ви посочам дека треба да бидете спремни на отпор од другата страна. Затоа непознатото стручно лице кое не го интересира ничије минато и сегашност, ќе помогне во откопувањето.

Толку е за денес, се надевам дека ќе се развие материјал и за втор дел!

Слободно оставете ги своите предлози во мојата контакт-форма.

Photos: Pixaby

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.