Мачна тема ми се пријателите, колку и да ги сакам и колку и да се трудам да ги заборавам. Некои посакувам веднаш да ги гушнам, други пак сакам и од соништата да ги избркам за да не ги гледам. Еј зарем толку може човек да те налути и повреди, што од најдобри пријатели стануваат најлоши кошмари? Може, и тоа како може. Затоа што никогаш не ни биле пријатели, туку носеле примитивна маска која паѓа и набрзина се става, а ние луди па не можеме во тоа кратко време да им ги видиме вистинските лица.
Ретроспективно кога ќе се вратам, ми текнува на многу црвени знаменца. Ми текнува на многу жолчни расправии, ми текнува на многу бодежи. Ми текнува, ама тогаш не сум ги гледала. Зар човек може толку при очи слеп да биде? Зар човек може толку наивен и глупав да биде? Зар може човек толку болка и штета да си насесе? Може, и тоа како може. Затоа што во другарството се верува, а другарството е светост. Само секогаш ќе се најде некој кој ќе го разобличи.
Тешко е откако си избоден со десет ножа да продолжиш понатаму. Тешко е, затоа што со жилет очите насила си ги отворил, за да прогледаш. И понекогаш знаеш повторно да замижиш. А вториот пат уште повеќе боли. Затоа што веќе гноела друга рана претходно. На исеченица пресек ѝ правиш, зар тоа не боли? Боли, и тоа како боли.
Па се поучуваш од старите рани, некогаш санирани со денови, со месеци, со години. И веќе знаеш да ги препознаеш црвените знаменца. Понекогаш мудро реагираш, си молчиш и гледаш од страна. Изгубиле тие вредност во твоите очи, ама не им кажуваш. Нека не знаат, нека си мислат дека ќе те зезнат. Ако, и тоа е за луѓе. А некогаш само си одиш. Без збор да кажеш, повеќе не оставаш самите да си отидат. Знаеш дека во пекол сам не се седи, веднаш си бегаш. Знаеш дека проклетијата сама нема да си замине ако не ја предизвикаш или не те предизвика онака сурово, а сепак бедно.
И остануваш. Имаш пријатели. Знаеш кои ти се вистински, знаеш кои те гледаат од корист. Знаеш кој ти се сити, знаеш кој ти се радува. Знаеш кој те зензал, а кој ти помогнал. Знаеш кого да цениш, а со кого да не се заморуваш. Знаеш и си молчиш. Затоа што се умори да зборуваш, се умори да се правдаш и себеси и нив. И со нив и без нив е исто. Но сепак, човек не оди да остане сам на веков. И ако. Само внимателно, чунки на врело млеко не се гори два пати, ами се дува и на студен јогурт.
photo: Pixabay
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.