Денеска прочитав мисла која вели „Не дозволувај нечие мислење да стане твојата реалност“ и не можам, а да не се сложам.

Низ годините додека растев и созревав, многу пати се обидоа да ме изместат од колосек. Патот кој јас го одам го темелам врз своите инстинкти, чувства, мисли. Ако дозволев секоја будала која што ќе ми налеташе, веројатно одамна ќе се откажев од намерата да имам своја книга, па на крај и сопствен реален блог.

Велеа: „Не те бива, не пишувај“. Реков океј. Рекоа „Глупава си, досадна…“, реков океј. И продолжив да правам се’ за што верував дека е вистинското, дека е за мене предодредено. Не се откажав само заради тоа што некој не ја ценел мојата желба за пишување. Не се откажав поради тоа што не ја сфатил пораката којашто сум сакала да ја испратам до читателите. Не се откажав, затоа што тоа се нивни мислења, а ова е мојата реалност.

Зарем некој треба да се откаже од себеси и она што го прави само затоа што на некого му се уклапа туѓата идеологија? Зарем некој треба да се  откаже од своите идеи само затоа што некој проценил дека се штетни, досадни, глупи? Зарем требаше сите уметници, научници, професори, доктори да се откажат од своите професии?

Зарем музиката ќе беше иста ако не беше прекорувана? Зарем уметничките дела ќе имаа некоја вредност ако сликарите не беа потполно свои? Зарем хемијата и физиката ќе беше каква што е, ако научниците се откажаа од својата упорност и иновација? Не верувам. Ништо на светот немаше да биде исто, ако секој поединец го слушаше другиот. Ама ништо на светот.

Луѓето се злобни, љубоморни, кудат, судат. Луѓето се занимаваат со туѓите животи, озборуваат. Луѓето не знаат да замолчат кога треба. Не знаат, не умеат. Затоа умештво е да знаеш да премолчиш, да бидеш емпатиен во ова сиво суруво општество. Умештво е да ги оставиш луѓето да го живеат својот живот онака како што сакаат, да пишуваат што сакаат, да се облекуваат како сакаат.

Каде е запишано правото на осуда? Каде е запишано правото на непотребни мислења? Никаде.

И следен пат, луѓе мои, кога ќе пробаат да ве омаловажат и ќе ви дадат НЕКОНСТРУКТИВНА критика, заблагодарете се и продолжете. По својот пат. Тие луѓе се бедни, со никакви вредности за животот, со никакви здрави мисли во умот. Тие луѓе кудат и судат затоа што се незадоволни од себеси и досега постигнатото, затоа што не можат да се помират со сивата реалност, бидејќи не можат да ги прифатат поразите, не можат да прифатат дека секогаш има некој кој е подобар.

photos: Pixabay

 © Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.