Остави го срцето нека се радува, нека тагува.
Остави го нека дише, нека осознава.
Остави го нека се гори, нека не догорува.
Остави го, така се калеми кутрото.

Остави го да те води.
Остави го да ги доживее и најтешките ноќни мори.
Остави го нека страда.
Остави го и кога под прозорецот мечтаае за тивка серенада.

Остави го, утреден ќе му биде подобро.
Но, не го оставај сираче.
Не го оставај оттуѓено, осамено, зафрлено.
Не го оставај во одаи затворено.

Не го оставај затоа што тоа боли.

Боли како кога ќе ги осознаеш луѓето кога веќе си престар.
Боли како свежи лузни на стари колена.
Боли како опекотина на збрчкани раце.
Боли како да си живеел без да знаеш зошто постоиш.

Боли како да си немал детство.
Боли како да си бил чуван под стаклено ѕвоно.
Боли како да си немал никого.

Ете така го боли и него,
нежното меко срценце кое им дава живот на другите, па и на себе.
А престанува последно, кога ќе снема сили.

Затоа не му ги уривај надежите.
Не му ги руши соновите.
Не го стакленисувај.
Со него нежно, спокојно стопанисувај.

Не му долевај сол на раните
кога ќе реши да се искалеми.
Не се обвинувај себеси
за лузните направени.

И само еден ден,
негде пред смртните дни…
срцето ќе биде благодарно
за што си направил.

Но луто за сето она што си сакал,
а не си се осмелил само за да не го повредиш.

фото: unsplash.com

© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.