2024 беше за мене една од најубавите години досега. Научив многу работи, направив многу работи и се стекнав со долгоочекуваната титула. Да, ова беше година на исполнување на долгогодишниот сон да станам дипломиран психолог. Па така, се збогувам со годинава и ѝ велам БЛАГОДАРАМ што ме научи дека понекогаш нашата волја не е доволна, ако љубовта и желбата не е обострана. Дека можам и треба да си заминам од онаму каде што не припаѓам. Дека можам и треба да раскрстам со некои луѓе засекогаш. Без разлика колку и да боли исходот. Понекогаш апсолутно ништо не зависи од нас.
Ѝ благодарам на 2024 што ми покажа уште еднаш дека најголемите луѓе се оние кои не дозволуваат славата да ги удри во глава. Дека никогаш не треба да се откажеме од своите соништа, колку и да изгледаат блесави или невозможни. Јас сонував да го поканам Влад (Vlad Ncl) во Македонија, да му кажам ФАЛА за сите видеа каде што алудира на (не)безбедноста на жената во 21 век. И тоа сѐ се оствари. Дури ме пофали дека имам чист акцент кога зборувам руски.
Ѝ благодарам што ги сочува моите најблиски од секакво зло, и ја молам 2025 да биде исто така нежна и благородна кон нив.
Фала ти за интервјуто на Канал 5 и што луѓето ја препознаваат мојата борба со анксиозноста, но и мојата потреба да раширам свест околу неа. Јас годинива за првпат отпатував некаде сама со авион, во туѓа земја. И колку за некого да е мал чекор, за мене е голем. Бидејќи тешко е да ги победиш сите бубачки во глава дека „не можеш“, врескајќи на тоа уште погласно со „можам, ќе успеам!“. Знам колку е мачно да сакаш да направиш 1001 работа, а да се плашиш да не кикснеш негде. Јас имав многу причини да останам дома и да не заминам за Грац, но им пружив шанса на оние неколку. И мило ми е што победија на мојата имагинарна вага.
Оваа година ме научи сѐ се може, само ако се верува во себе. И кога не ти се станува од кревет. И кога немаш сили да се домакнеш до кујната, мораш. Заради себе, заради најблиските.
Фала ѝ на 2024 што ја пробуди замрената креативност во мене. И ме натера да сликам на платно. Што ми укажа дека времето е залудно поминато ако не правиш нешто што те исполнува душевно.
Фала ти за најдобриот јубилејен 30-ти роденден со куп подароци! И за екстра топлото време и муабетот на плажа со Игор. Нешто што никогаш не сум помислила дека е реално.
Фала ѝ на сите лекции. Имаше денови кога вришев во себе, додека развлекував насмевка од едното до другото уво. Имаше и денови кога не можев да ја сокријам среќата. Имаше денови кога немав војла за ништо, бев толку летаргична… но со љубовта и волјата на Емил, и тоа помина.
Ѝ благодарам што конечно сфатив дека ми е доста од стравови. Имав грутка пред некој ден, поврзана со крајот на годината… се плашев да започне. Но знам дека тоа е блесавата анксиозност која мисли дека времето ќе сопре. Годината ќе заврши и нова ќе почне, мислела јас на неа или не. Животот е непредвидлив. Убав, горчлив, среќен, мирен, турболентен… со сите фази кои може да ги опфати. Но таков е, и ние со ништо не можеме да ги промениме конците на судбината кои ни ги испреплеткуваат патиштата.
Груткава ја оставам овде, во 2024… нека ја земе забот на времето. Одлучувам да дишам спокојно. Да тргнам во Новата година со чиста помисла и мир во душата.
Затоа чао 2024 и ти благодарам што беше фантастична. Можеби лошо почнавме, ама ми се допаѓа како кулминиравме. Со насмевка истрпевме многу работи. Се испотивме, но прогоруваме. Ноќе не спиевме, но будно сонувавме. Беше прекрасна и ти благодарам.
Само те молам, 2025, да сме сите живи, здрави и среќни. Ништо друго не сакам, сѐ друго само ќе си дојде. И успесите и убавите спомени.
© Текстот е во целосна сопственост на ZENANAZENA.COM, забрането е било какво копирање или реемитување на текстот без наведување на изворот.